Изложбата „Не си одам дома“ на младата уметница Клелија Живковиќ ќе се одржи на 3 декември во националната галерија „Мала станица“, со почеток во 20 часот.
Изложбата, којашто ќе биде отворена до 14 декември, е дел од наградата „ДЕНЕС“, која ја организира „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Содржи дела создадени во периодот од 2023 – 2024 година.
– Тишината во темнината е поинаква од тишината на денот. Кога ќе стивне денот, шепотот најјасно се слуша. Изговореното и премолченото женско знаење. Молитвите и баењето долги колку еден здив. Насилството од кое се штитиме една со друга. Насилството што си го нанесуваме една на друга. Ужасот што го обзема односот кој некогаш бил безбеден. Она што не си дозволуваме да го именуваме, а кое клокоти во нашите клетки и не дозволува да биде занемарено. Угнетувањето на нашата планета и на нашите тела се истата приказна. Расткајувањето на светот што умира може да се случи само со љубов и грижа. Оваа изложба е мојот пренос од меѓусветот. Од несветот. Од разсветот. Ја сочинуваат неуредноста на оживувањето, блуењето на насилството, живоста на оплакувањето, еротичноста на распаѓањето. Му ја посветувам на мојот вресок – вели авторката Живковиќ.
Клелија Живковиќ, родена во 1989 година, е трансдисциплинарна уметница од Скопје. Таа е формално образована во неколку дизајн-дисциплини, а нејзината работа е теоретски, материјален и искуствен увид во границите, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги создаваме за да се спознаеме себеси како битија што зафаќаат простор и кои ни овозможуваат површина за контакт со опкружувањето.
Во 2021 година, студиото „Приватен принт“ ја издаде нејзината прва уметничка книга „Prototyping tenderness: a personal log of a dying world”, каде се одржа и нејзината прва самостојна изложба со истото име.
Таа ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“ од АИКА Македонија за нејзиното предлог-истражување „Дизајн за оживување“ во 2022 година, а во 2023 година ја доби наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници. Има учествувано на неколку групни изложби во Македонија и меѓународно, вклучувајќи го Биеналето за Западен Балкан во Јанина, „Под земја полесно се дише“ во Скопје, Биеналето на млади уметници и „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ во Музејот на современата уметност – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.