На 18 јануари 2023 година во Галеријата на Младински културен центар (МКЦ) ќе биде отворена изложбата на цртежи на професорот Владимир Величковски, со наслов „Вибрантен сликопис”.
За изложбата, Величковски самиот потенцира дека својата прва самостојна изложба на слики ја организирал токму пред 50 години во тогашните простории на Домот на младите “25 Maj”, што се совпаѓа со минатогодишниот јубилеј на институцијата. Изборот на датумот е токму пред празникот, т.е. Светскиот ден на уметноста, кој исто е не случајно одбран за отворањето на изложбата.

Величковски вели:

Во атељето на Миро Масин пишува: нема разговор за политика и фудбал-убаво. А јас, имам чест, по повод значајниот јубилеј на Младинскиот културен центар, Скопје да ја приредам оваа пригодна изложба. Ќе се потсетиме: порано постоеше поимот .„сиромашна уметност“, како и критика, застапена во сите печатени и електронски медиуми која зад себе има забележан историски развој во тесна врска со движењата во ликовните и визуелните уметности. Приказната за критиката не е завршена. Можеби станува збор само за една „култура на сопственото искуство.“

Владимир Величковски (7 мај 1949, Скопје) — македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Значаен е во 80-те години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност.

Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976 -1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари.

Неговата главна критична мисла е дека во Македонија е редуцирана и потценета ликовната критика како активност. Гаснењето на интересот и на медиумите оди во прилог на гаснење на ликовната критика, а со тоа и на развојот на националната култура .

Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје ја издала книгата на Владимир Величковски „Уметнички критики и есеи“, која е петтиот том со истоимен наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, од кога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој претставува најдоследниот и најтемелниот хроничар на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции и слично. Владимир Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности особено за современата уметност, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, а е и автор на повеќе тематски и групни изложби.

Истата 1973 година, тој започнал да изложува слики самостојно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.