На покана на Фото клубот „Марибор“ од Марибор, Словенија, фотографите Зоран Андонов од Тетово и Димче Коруноски од Охрид имаат заедничка фото – изложба. Авторите на поставката која беше отворена оваа недела во галеријата на Универзитетската библиотека во Марибор, пред словенечката публика се претставија со триесетина фотографии.

Пред словенечката публика се претставив со 15 фотографии во боја на тема „Пеливани“. Пеливанството, како вид на традиционална боречка вештина, секогаш е атрактивно како за гледања така и за фотографирање, бидејќи сета онаа физичка сила која пеливаните мораат да ја употребат во борбата, напорот, емоциите кои притоа се јавуваат на нивните лица, дава убава можност да се добијат добри фотографии. Токму затоа, а и поради тоа што за пеливанството многу малку се знае на тие простори, овие фотографии наидоа на голем интерес кај словенечката публика, вели Андонов, кој е член на Фото групата „Чкрап“ од Тетово.

Најголем предизвик на Коруноски во фотографијата се портретите и луѓето од улицата.

Претежно работам фотографии во црно – бела техника, бидејќи мислам дека на тој начин посугестивно можам да го доловам моментот на ликот кој ми позира или на минувачот кого сум го фотографирал. На овие мои 12 фотографии со кои се претставив пред словенечката публика, има портрети на професори, мои пријатели, но и на сосем непознати луѓе кои некаде сум ги сретнал и фотографирал. Посебно ми се интересни мотивите кои ги фотографирав во ромското маало во градот Лесковац во Србија, па на оваа изложба се претставив и со неколку вакви лајф фотографии, вели Коруноски, кој е претседател на Фото клубот од Охрид.

Изложбата на фотографии во галеријата на Универзитетската библиотека во Марибор ќе биде отворена до 8 мај 2023 година. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.