На ден 07.05.2019 година, Музејот на град Скопје ќе се претстави во Панорамскиот музеј на освојувањето на градот Бурса 1326 (Panorama 1326 Bursa Fetih Müzesi) во Бурса, Р. Турција со изложбата „Скопски материјални и духовни проблесоци“ од авторите Драгица Живкова и м-р Игор Кузманоски и г-дин Климе Коробар како нејзин комесар. Изложбата „Скопски материјални и духовни проблесоци“ се состои од 33 паноа со фотографски прикази на артефакти од средновековниот и турскиот период кои се во сопственост на музејот, а кои потекнуваат од поширокиот простор на Скопската тврдина и чаршија.

Стручниот тим кој работеше на подготовката на изложбата се заложи, преку креативни композициски визуелизации на вредните артефакти со кои располага, да ги прикаже и потенцира реалните повеќевековни животни и културни паралели кои постојат помеѓу Балканот, прикован на половина пат меѓу Европа и Ориентот, и малоазиска Турција.

Изложбата финансиски е поддржана од Град Скопје, а се реализира и во соработка со Културно Информативниот Центар на Македонија во Истанбул, Турција. Изложбата во музејот ќе биде отворена за посетителите до 07.06.2019 година.

Највозвишеното чувство – побожноста – преточена во овој пехар за причестување на Евхаристијата, отсекогаш инспирирал и желба за споделување на светиот занес со сите луѓе. Искован во 12 век, путирот и денес го повикува “секој што ќе го држи в раце да пие со задоволство – од Божјата милост”, со истата искреност со која тоа го правел и неговиот сопственик пред 800 години, кога го подарил на црквата кај Скопското кале.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.