Друштвото на ликовни уметници на Македонија одбележува јубилеј, 75 години од формирањето (1946-2021).

Горди сме да кажеме дека овој Јубилеј успеавме да го обележиме со групна изложба за која требаше исклучителен напор, голем ентузијазам и ангажман на членовите на претседателството на ДЛУМ. Организирајќи конкурс, како здружение, за пријавување и покана на многу активни членови, собравме дела од 132 членови. Во соработка со Националната галерија, директорката Дита Старова Ќерими и вишата кустоска Маја Чанкуловска и техничките служби на Национална галерија бевме во потрагата по уметници, основоположници, доајени, средна и помлада генерација уметници, кои галеријата ги поседува во нивната богата колекција и селектиравме уште 160 уметници. Многу дела на врвни уметници од нивната колекција се наоѓаат и во репрезентативните јавни објекти, така да некои не можеа да бидат присутни на изложбата. Се обидовме да создадеме слика на Друштвото за почит…посочи Дијана Томиќ.

Министерката Ирена Стефоска на отворањето на изложбата по повод јубилејот на ДЛУМ рече дека со почит се сеќаваме на Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Борко Лазески, Љубомир Белогаски, Борка Аврамова, Ејуп Умер… и плејада други уметници кои со својот авторитет и идеи придонесоа во обезбедување подобри услови на уметничката сцена во земјава.

Изложбата на ДЛУМ е билет со кој се влегува во вечното паметење на луѓето, истакна на отворањето на изложбата во Чифте-амам министерката Ирена Стефоска.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак, посочи дека историјата и актуелната вредност на ДЛУМ се наследство кое трае и отвора нови хоризонти

Во времиња кога брзината е поважна од вредноста, кога нашето внимание го преокупираат инстантни ‘твитови’ и фејсбук објави, секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Токму затоа, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, има вонредно значење, имајќи ги предвид сите децениски искушенија во кои настанува, се развива и опстојува до ден-денешен“, истакна завчеравечер во Чифте-амам, македонскиот претседател Стево Пендаровски на отворањето на изложбата „75 години ДЛУМ“ на која се претставени дела на 292 македонски автори од сите генерации. Како покровител на овој уметнички настан, тој потенцираше дека се работи за една од најзначајните уметнички и културни заедници, која ги изразува тековите не само во ликовната уметност, туку генерално во современото македонско уметничко творештво. Потсетувајќи се пак на основоположниците, тој додаде дека авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации. „Низ историјата на ДЛУМ транспарентно може да се согледа општествената инфраструктура на нашиот културен и уметнички развој. Историјата и актуелната вредност на ДЛУМ се наследство кое трае и отвора нови хоризонти“, додаде меѓу другото претседателот Пендаровски.

Во Друштвото на ликовни уметници на Македонија, кое е основано со Решение на тогашното Министерство за внатрешни работи на 13 ноември 1946 година, до сега се регистрирани околу 900 членови.

Од актуелното раководство на ДЛУМ Филип Фидановски и ДијанаТомиќ – Радевска, посочуваат дека во времето кое доаѓа, ДЛУМ продолжува да се бори за уште многу неразрешени прашања, за галериски простор, простори за работа-атељеа, а уметниците за својот статус и опстанок.

Љубителите на уметноста, изложбата ќе може да ја видат во Чифте амам и Мала станица до 12 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.