Изложбата на академик Васко Ташковски во Националната галерија, во објектот Даут пашин амам ги сруши рекордите на посетеност. Во пандемски услови изложбата ја виделе над 10 илјади посетители, согласно сите пропишани протоколи и речиси сосема распродадени два тиражи на каталогот.

Ретроспективната изложба на академик Ташковски со 120 дела беше презентирана во објектот Даут пашин амам во период од 21 октомври 2021 до 15 јануари 2022 година.

На мое големо задоволство, изложбата на академик Ташковски, ги сруши рекордите не само на Националната галерија и тоа во пандемиски услови, со над 10.000 посетители согласно сите пропишани протоколи и речиси сосема распродадени два тиража на каталогот. Особено ми е драго што оваа изложба беше посетена доминантно од младата генерација љубители на уметноста и уметници, што ми дава надеж дека интересот за ликовната уметност не згаснува, туку предизвикува уште поголем интерес, вели директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова Ќерими.

Старова Ќерими додава дека е горда на фактот што академик Ташковски на Националната галерија по повод оваа изложба и го подари делото – Маскиран пејзаж, 2008, акварел, 50х70 см.

Во оваа прилика уште еднаш му се заблагодарувам на авторот академик Васко Ташковски за укажаната чест неговата ретроспективна изложба да биде претставена во Националната галерија и воедно се заблагодарувам на тимот на нашата институција за професионалната организација и на вишиот кустос Маја Чанкуловска за овој исклучителен проект, рече Старова Ќерими.

Ташковски е еден од водечките претставници на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност. Во Даут-пашиниот амам беа изложени слики, акварели и цртежи од сите негови творечки фази.

Васко Ташковски, инаку роден во Нижополе, Битола, покрај сликањето во маслена техника, работел и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, а од 1994 година е дописен член во МАНУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.