Изложбата „Ликовната уметност во марките на Македонска пошта“ е во рамките на протоколот за соработка помеѓу Музејот на град Скопје, кој оваа година обележува 70 години од своето основање, и Асоцијацијата за култура ИКОН којашто прославува 20 години постоење и работа.

Во 1969 година на Светскиот конгрес на поштите во Токио, 9 Октомври е прогласен за Светски ден на поштите и од тогаш овој ден се празнува секоја година. Затоа и отворањето на изложбата е на овој ден. Со прославата сакаме и да ги потсетиме граѓаните и компаниите на значењето на поштата во секојдневниот живот.

Живееме во време на нови технологии во кое интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот, го зазема приматот. Сè поретко се пишуваат писма и сe испраќаат картички.  Секое општење меѓу нас  се заменува со електронски пораки од мобилните телефони.

Изложбата во Музејот на град Скопје сведочи за односот на Македонска пошта кон културното богатство. Издадените поштенски марки на тема -ликовната уметност, се културно богатство што патува низ времето и просторот. Македонска пошта има издадено голем број марки по повод разни годишнини афирмирајќи ја македонската ликовна уметност преку делата на Никола Мартиновски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Љубомир Белогаски, Борко Лазески и други, но истовремено се издаваат и марки со дела на Леонардо да Винчи, Микеланџело Буанароти, Огист Роден, Винсент Ван Гог, Пабло Пикасо …

Покрај издадените марки на Македонска пошта на изложбата се претставени и специјално дизајнирани картички (максимум карти) и  ФДЦ пликови насликани од македонски уметници со што овие „пликови за прв ден“ добиваат посебна уметничка вредност.

Изложбата треба да го зголеми сознанието кај граѓаните за работата на Македонска пошта, посебно на Бирото за филателија, со што би се поттикнала една нова млада генерација филателисти, а марките ќе имаат своја иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.