На 14 ноември, во 19.00 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена гостувачката изложба “Помеѓу две империи, Босна и Херцеговина во фотографиите на Франтишек Топич 1885 – 1919 година” подготвена од Земаљскиот музеј на Босна и Херцеговина во Сараево. Автор на изложбата е д-р Мирсад Сијариќ, в.д. директор на Земаљскиот музеј на БиХ.
Изложбата содржи 96 репродукции на фотографии кои се дел од богатиот корпус на негативи од крајот на XIX и почетокот на XX век со кои располага Земаљскиот Музеј на БиХ, а се потпишани од еден од најистакнатите пионери на фотографијата во Босна и Херцеговина – чехот Франтишек Топич, роден во 1857 година во Држковице, Чешка.
Фотографиите на Франтишек Топич, кој поголемиот дел од својот работен век го поминал во Земаљскиот музеј на БиХ, претставуваат неодминлив извор од прва рака при истражувањето на интимната историја и географија на босанското општество во зората на една од најголемите човечки и цивилизациски трагедии воопшто – Првата Светска Војна.
Без разлика на фактот што повеќето од фотографиите на Топич, повеќе или помалку коректно, аматерски или маестрално, уметнички или документирано го бележат целиот спектар на социјалните и природните појави, ентериерите и екстериерите, профаните и сакралните објекти, посебно значење и најсилен впечаток оставаат кога истите се насочени кон сцените од секојдневниот живот.
Со поставувањето на изложбата “Помеѓу две империи, Босна и Херцеговина во фотографиите на Франтишек Топич 1885 – 1919 година” во Музеј на град Скопје продолжува соработката меѓу двата музеи која започна во 2018 година, кога со изложбата “Скопска тврдина – симбол на градот “ Музејот на град Скопје се претстави пред културната јавност во Сараево.
Гостувањето на изложбата „Помеѓу две импарии“ претставува една од многуте активности кои Музеј на град Скопје во континуитет ги реализира во годината кога бележи 70 години постоење.
Изложбата ќе биде отворена до 11.12.2019.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.