Во галеријата во Куќата на Робевци, утре со почетокот во 20 часот ќе биде отворена изложбата на цртежи насловена „Остров на осаменост“ од авторите Мирко Вујисиќ, Лидија Вујисиќ и Сашо Блажес.
На изложбата ќе бидат изложени околу 40 -тина дела изработени во различни цртачки техники и медиуми, информираат од НУ Завод и музеј Охрид.
Изложбата „Остров на осаменост’’ си зема задача да ја отвори креативната лабораторија на цртежот кој неретко, од страна на современите текови во уметноста е сметан за конзервативен медиум, резистентен на иновативни идеи и екстензии, анализирајќи ја границата помеѓу реалноста и фикцијата, граница која се искусува во самите нас денес. Земајќи го цртежот како концептуален базичен инструмент за истражување во непознати зони или за редефинирање на еден визуелен универзум, изложбата просторно отсликува една состојба на контрасти помеѓу ред и неред, несигурност и смиреност, мир и немир, додаваат во соопштението.
Учесниците, се вели во соопштението, репрезентираат една посебна дирекција во поглед на визуелната креација, секој од нив држејќи ги под притисок границите помеѓу видливото и невидливото, цртеж-сцена, цртеж-печат, цртеж-релјеф, цртеж-колаж, варијации со кои се поместени границите на една нова реалност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.