Изложбата „Самоспознавање“ од авторот Слободан Милошески ќе биде отворена на 23 август, од 20 часот, во просторите на Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб. Изложбата е составена од 10 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Загрепската публика ќе има можност да ја посети изложбата до 30 август.
Авторот Слободан Милошески е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата. Тој изведува скулптура што предизвикува голема визуелна атрактивност, скулптура со мазна полирана текстура во флуидни облици… Клучните елементи на уметничкото дело, просторот и волуменот, ги наоѓаат својата рамнотежа и динамика во постојаната игра на наизменични динамични, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал. Трансформацијата на металот во уметничко дело, со најдобра примена на конструктивните вештини, во металните скулптури на Слободан Милошески ја демистифицира семиолошката структура на уметничкото дело – вели историчарот на уметноста Џемил Бектовиќ, во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р Бугарија, на катедрата Скулптура. Досега има реализирано 28 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и во странство. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“…
Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.