Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Дирекцијата за култура и уметност Скопско лето, а под покровителство на Град Скопје ја организираат изложбата „Цртеж-Експериментален цртеж“ која што ќе се одржи на 22 јули (понеделник) во Галеријата на НЛБ Банка во Скопје со почеток во 20:30 часот.

ДЛУМ  наградата за најдобар цртеж ќе му ја додели на авторот Кирил Гегоски, за делото со наслов „Цртеж – 2019“.

Проектот „Цртеж-Експериментален цртеж“, тежнее кон разработен процес на крајно радикални отстапувања од институционалните вредности на самиот цртеж и неговото „ограничување“ и поврзаност со медиумот хартија како негов фундамент т.е. поддржувачки материјал. Иако цртежот е во целост независен медиум, основниот акцент за овој концепт е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини.

Изложбата е селективна и на неа ќе земат учество 25 автори членови на Друштвото. Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, ставајќи го акцентот на нивната интердисциплинарна, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

Сите селектирани дела ги прикажуваат основните на современиот цртеж почнувајќи од развој на линијата на пикторијален план, па сé до неговите дигитални модификации, со што се потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.

На изложбата учествуваат Глигор Стефанов, Кирил Гегоски, Славица Јанашлиева, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Дијана Томиќ Радевска, Жанета Гелевска Вељановска, Симонида Филипова Китановска, Марија Светиева, Слободан Живковски, Марина Цветановска Мартиновска, Агорн Абдули, Тања Таневска, Силвана Атанасовска, Љупчо Бојаров, Жаклина Глигориевска Кочоска, Иво Пецов, Игор Таневски, Марија Мицова Гацова, Златко Глигоров, Емилија Божиновска, Перо Кованцалев, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Ацо Таневски, Миливој Симеонов и еден автор од Р.Србија, Владимир Лалиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.