Излезе вториот број на Магазинот за класична музика и уметност кој го издава Филхармонија. И во овој број има интервјуа и текстови кои се врзани со настаните кои ќе се реализираат на нашата концертна сцена. Во магазинот може да се прочитаат интервјуа со диригентот Тимоти Редмонд, пијанистот Бери Даглас, виолинистката Естер Ју, македонските уметници – диригентот Борјан Цанев и виолинистката Фросина Богданоска.

Во мини магазинот има и претставувања на ансамблот „Јаношка“ кој ќе настапи на новогодишниот гала концерт на Филхармонија, пијанистот Давид Фре за кого критиката вели дека е „совршен пример за музичар кој размислува“, тромбонистот Питер Мур – најмладиот победник на натпреварот на Би-би-си…

Читателите преку содржината на овој број може да се запознаат и со дел од композициите кои ќе прозвучат на концертите на Филхармонија. Воедно има и изјави од различни личности од јавниот живот во земјата, врзани со Филхармонија, нејзиниот програмски концепт и уметниците кои настапуваат. Во овој број може да се прочитаат изјавите за Филхармонија од писателот Александар Прокопиев, академик Катица Ќулафкова и од новинарите и долгогодишни проследувачи на културната сцена Љупчо Јолевски и Ѕвездан Георгиевски.

Магазинот визуелно се инспирира од комплетно новиот дизајн на сите печатени материјали на Филхармонија – каталог, постери, програма за концерти кои се идејно решение на дизајнерот Горан Златевски. Уредници и автори на текстовите во магазинот се музиколозите Ангелина Димоска и Тина Иванова.

Бесплатни примероци од магазинот има во Филхармонија, но и по градските кафулиња, ресторани, туристички агенции, хотели…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.