„Понор“ е насловот на новата збирка раскази на писателот Златко Ѓелески, која е издадена овој месец од страна на издавачката куќа „Бегемот“. Книгата се состои од дваесет и три раскази, ситуирани во главниот град Понор, кајшто се преплетуваат животите на ликовите, за некои свесно, а други несвесно да ги променат сопствените и туѓите патила.

Алчните и користољубиви жители се олицетворение на градот, а тој е жив организам кој се прехранува со судбините на ликовите, кои се подготвени да го живеат животот според туѓите проекции за нив, трагајќи по сопствената среќа на погрешна адреса.

Во збирката читателот е патник низ крвотокот на Понор, кој се запознава со мали ликови способни за големи нешта, но во круцијални мигови на животот одлучуваат да го продадат својот спокој за инстантен успех, со краток рок на употреба.

Златко Ѓелески е дипломиран филолог на катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје, а збирката „Понор“ е неговото трето објавено дело. Во 2013 година ја објавува првата збирка раскази „Морбидизам“, а две години подоцна ја издава „Колекционерот на смрт“, составена од новелата „Некрово“ и збирката раскази „Смртовечница на живите мртовци“. Тој е филмски критичар во списанијата „Филм+“ и „Кинопис“, радио водител на емисијата „Дансе Макабре“ на радио „Канал 103“, како и водител на филмскиот поткаст „Видеологија“. Добитник е на награда за најдобра филмска критика на филмскиот фестивал „Синедејс“, а неговите раскази се наградени на домашни конкурси и преведени на странски јазик, станувајќи составен дел од неколку балкански антологии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.