Утре (20 октомври), почнува четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје што првпат во целост ќе се одржува онлајн. Темата на годинешното издание е Солидарност, а како и секогаш, фестивалската програма е бесплатна и отворена за сите заинтересирани гледачи. Со интересни документарци, меѓу кои и една светска премиера, и ексклузивни гости од медиумската сфера, ИФФС во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, овој пат нуди дури шест фестивалски дена, од 20 до 25 октомври.

Фестивалот го отвора дискусија за Новинарството во време на пандемија, каде ќе ги слушнеме искуствата и ставовите на директорката на Европската федерација на новинари, Ренате Шродер, и основачката на Коалицијата за жени во новинарството, Киран Назиш. На оваа тема од перспектива на македонската медиумска сцена на 21.10. ќе зборуваат Христина Беловска и Дарко Дуридански, додека пак на 24.10. ќе се диксутира за соработката на новинарите и граѓанското општество во земјава.

Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се теми што не смееме да си дозволиме да ги одминеме, и неопходно е да бидеме солидарни со секој кој е директно засегнат. Во периодот кога се одбележува тригодишнината од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, на ИФФС гостува нејзиниот син, Метју Каруана Галиција кој ќе зборува за борбата за правда во сè уште нерасветлениот случај.

Конструктивното известување насочено кон решенија е клучен сегмент од современото новинарство, а како тоа може да се искомбинираа со техниките за мобилно новинарство ќе покаже гостинот од Би-би-си, Дугал Шо (21. пктомври, 12 часот). Претставници од Центарот за комуникации од јавен интерес при Универзитетот во Флорида, ќе зборуваат за научно изведени заклучоци што откриваат за што се грижат луѓето при изборот на информации, а ќе одржат и работилница каде заинтересираните новинари ќе ги усвојат клучните начела за создавање ефектни приказни.

На 25.10. во 12 часот е закажан разговорот со наградуваната новинарка Миа Малан, основачка на јужноафриканскиот медиум Бекисиса, светол пример за темелно и одговорно известување за пандемијата со Ковид-19.

ИФФС и годинава нуди богата филмска програма, вклучувајќи ја и светската премиера на „Човекот кој премногу знаеше“. Автор е британскиот независен документарист Мајкл Освалд, кој гостуваше и на првото фестивалско издание, а на 25 октомври ќе покаже Како се прави филм без буџет.

Секој од филмовите, кои ја отсликуваат моменталната состојба во светот и фестивалската тема Солидарност, гледачите од Македонија ќе може да ги гледаат онлајн, за времетраењето на целиот фестивал, 20-25 октомври. Исклучок е прикажувањето на „Социјална дилема“, актуелниот документарец од Нетфликс, кој со македонски превод ќе се прикажува за затворање на фестивалот, на 25 октомври во 20 часот. Останатите остварувања што може да се погледнат on demand во текот на шесте фестивалски дена се: „Коронација“ на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој е снимен „од дистанца“, користејќи материјали од жителите на Вухан; „Пештерата“, документарец номиниран за Оскар кој ја портретира отпорноста и женската солидарност; документарната истрага „Криминал од солидарност“; „Амазонија: Будењето на Флорестанија“ за еколошките проблеми и конзумеризмот; „Солидарност“ за работничките права; „Моја драга самопослуго“ и „Запознајте ги цензорите“.

Четвртото издание на ИФФС го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, со поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје и канцеларијата на УНХЦР – Скопје. ИФФС е меѓународен фестивал и дел од настаните се на англиски јазик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.