Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска беше во работна посета на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово каде што се сретна со директорот на оваа Национална установа, Арлинд Хусеини. Костадиновска-Стојчевска беше информирана за состојбата на објектот кој е изграден во 1973 година, за проблемите со кои се соочуваат во текот на работата, како и за културните содржини што ќе се реализираат во следниот период.

Во Центарот за култура од Тетово, преку Годишната програма на Министерството за култура, се одобрени проекти од сите дејности, меѓу кои и по една претстава на македонски и на албански јазик, групни и самостојни изложби, а ќе се реализира и Интернационалната графичка колонија Тетово. Издвоени се средства за „Вечер на американски џез“, како и за годишни концерти од областа на фолклорната дејност.

Преку проектот за реконструкција на покривната конструкција (купола) на објектот, за што од буџетот на Министерството за култура се издвоени 2,5 милиони денари, како и со реконструкцијата на дел од Центарот за култура, значително ќе се подобрат условите за функционирање на Националната установа. За овие проекти се во тек постапки за склучување договори, а нивната реализација ќе биде во втората половина од годинава.

Министерката Костадиновска-Стојчевска го посети и објектот предвиден за театар и библиотека, кој во последниот период интензивно се гради, за што оваа година се издвоени 220 милиони денари. Овој проект се реализира преку Центарот за култура Тетово, кој е инвеститор на објектот, а во моментов се реализира втората фаза од проектот – ентериерно уредување со придружните фази.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.