Дваесетина актери, режисери, уметници и културни работници од Кочани со потписи ја поддржаа иницијативата на локалната самоуправа и на градоначалникот Николчо Илијев за формирање професионален театар.

Советот на Општина Кочани веќе усвои и одлука што е доставена до Министерството за култура, кое во наредниот период ќе ги анализира материјалните, програмските и финансиските потреби и услови за основање на ваква културна институција.

Потребата од професионален театар е оправдана со оглед што имаме поголем број дипломирани актери, режисери и други стручни лица кои се веќе афирмирани и се ангажирани во други театри или бараат работа. Истовремено, оформувањето на институцијата ќе значи возобновување на некогашниот Народен театар во Кочани, како и продолжување на традицијата на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, што со децении се одржува кај нас, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Во знак на поддршка за иницијативата, актерите и културните работници кои низ годините работеле на сцената во Центарот за култура „Бели мугри“, како ентузијасти подготвуваат премиерна претстава што ќе го означи почетокот на работата на новиот театар.

Народниот театар, како професионална институција во Кочани работел во периодот од 1951 до 1959 година, а бил раководен од еден од најпознатите културни дејци во општината, Борис Стојчев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.