„Соблечени, женскиот акт како контекст“ е насловот на новата изложба на Националната галерија на Македонија, која во објектот „Чифте-амам“, ќе може да се погледне индивидуално, а нејзиното одложено, свечено отворање ќе се одржи на 10 март, во 19 часот.

Одложувањето е во согласност со актуелните препораки од Министерството за култура и Владата како соодветна превенција за запирање на ширењето на коронавирусот. Станува збор за изложба на дела од колекцијата на Националната галерија, со која оваа институција се придружува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Галеријата веќе трета година се придружува кон ова одбележување со уметнички концепт каде што се величи жената како автор или како неисцрпен мотив.

Изложбата ќе вклучи женски актови изработени од автори од поранешниот југословенски простор – од колекцијата од некогашните југословенски републики, како и дела од македонската колекција. Ќе бидат претставени актови или полуактови од авторите: Влахо Буковац, Петар Палавичини, Фрањо Кршиниќ, Тома Росандиќ и други, како и македонските Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Борка Аврамовска, Спасе Куноски, Боро Митриќески, Иван Велков итн., до дела со концептуален дискурс од помлади автори, како Ирена Паскали и Атанас Ботев – вели директорката на галеријата, Дита Старова Ќерими.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.