Утрово, по кусо боледување, почина македонскиот романсиер и поет Методија Фотев (роден на 14 март 1932 година во Љубојно, Преспанско). Фотев беше член на Друштвото на писатели на Македонија од 1957 година. Неговото книжевно творештво го сочинуваат повеќе романи: „Потомците на Кат“ (1966), „Селани и војници“ (1969), „Големите скитачи“ (1970), „Неплодна вода“ (1978), „Вивариум“ (2010), како и поетската збирка „Поезија не за одмор“ (2002).

Фотев е значајна личност во македонската литература. Неговиот богат литературе опус, во кој, меѓу другото, ја третира и иселеничката судбина на печалбарите од Македонија, претставува дел од македонската литературна книжнина и прилог кон севкупните вредности на пишаниот збор во Македонија. Со своите литературни остварувања, тој си обезбеди посебно место меѓу македонската писателска фела, а како потомок на печалбар и со своите дела за раселените по светот е омилен меѓу читателите во македонската дијаспора.

Имал бурно детство, младост и творечки живот. Завршил  основно осумгодишно училиште во Љубојно. Така, војната го затекнала во второто основно одделение. За време на војната, пет месеци посетувал италијанско училиште, а потоа посетувал албанско училиште, за во трето одделение да учи на бугарски. Таква била судбината и на неговите врсните од овој крај. Конечно, во 1944 година есента, до пролетта 1945 година, Фотев го заврши четвртото одделение на основното училиште во Љубојно, на македонски јазик и при македонски учители. Есента отпаува во Битола каде што го учеше петтото одделение три месеци, а потоа се врати во Љубојно да го продолжи школувањето, зашто тогаш во Љубојно се отвори осумгодишното училиште ,,Димитар Влахов”, кое често со право се нарекува расадник на македонски интелектуалци.

Во 1952 година Мето Фотев ја заврши Учителската школа во Битола и стана еден од првите учители од Долна Преспа. Во 1953 година  доаѓа во Скопје, прво работи во Радио Скопје како новинар, потоа, се префрлува во редакцијата на ,,Нова Македонија”. Меѓутоа,  поради немање учители во Македонија, го определуваат за учител во Лазарополе – Дебарско. Учителствува две години во ова мијачко село и пак се врќа во Скопје. Се запишува на факултет и работи во Радио Скопје.

Од Радио Скопје се префрла во редакцијата на ,,Нова Македонија”, од каде што го испраќаат за дописник во Струмица и во тој град останува девет месеци. Редакацијата го повикува во Скопје и по една година Мето Фотев пак работи во Радио Скопје, во новоотворената редакција Младинска програма, во летото 1956 година.

Интересно е да се спомене дека Мето Фотев ги следеше македонските писатели, учеше од нив и многу читаше. Како резултат на тоа во 1955 година, пролетта го печати својот прв расказ ,,Очи” во додатокот на Разгледи ,,Никулци”.

Во период од 1956-1970 година, цели 15 години, Мето Фотев работи во Радио Скопје, менува неколку редакции и одвреме-навреме објавува раскази во македонските списанија и весници. Потоа работи во Телевизија Скопје и беше уредник на драмската редакција, каде постигна видни резултати на полето на драмата, а особено внимание посвети во неговото творештво.

Така, во 1966 година му излегува од печат неговото првороденче во литературата, романот ,,Потомците на кат”, во издание на ,,Култура”, Скопје. Со овој роман Мето се прослави и како резултат на тоа, во 1967 година ја добива наградата ,,11 Октомври” токму за романот ,,Потомците на кат”. За него се пишуваше во домашните и другите медиум, од што произлезе во 1973 година, издавачкото претпријатие ,,Народна књига” од Белград овој роман да го издаде на српскохрватски јазик. Година подоцна, скопската ,,Култура” ќе печати второ издание од овој веќе популарен роман.

Во 1969 година во издание на Издавачката куќа ,,Култура” од Скопје, му излегува вториот роман ,,Селани и војници”. Истата година, Фотев за ова дело ќе ја добие наградата ,,13 Ноември”, за потоа во 1977 година ,,Матица српска” од Нови Сад, да го издаде романот ,,Селани и војници” на српскохрватски јазик.

Во 1970 година Методија Фотев го печати својот трет роман ,,Големите скитачи” во издание на издавачкото претпријатие ,,Мисла” од Скопје. Ова литературно дело доживеа во 1974 година, приштинската издавачка куќа ,,Рилиндија” да го издаде романот ,,Големите скитачи” на албански јазик.

Четвртиот роман на Мето (Методија) Фотев е насловен како ,,Неплодна вода”, издаден во 1978 година. Во овој роман, тој постигнува состојба во која тој длабоко проникнува во душата на човекот, како во неговата колективната, така и во индивидуалната психологија.

Последниот негов роман е „Вавариум” издаден 2010 година. Методија (Мето) Фотев пишува  со силна љубов кон човекот, кон родниот крај, кон исленикот, кон се’ она што за него во мислите е свето. Затоа тој е добитник на наградите: „11 Октомври”, „13 Ноември”, „Рациново признание”, наградата „Дијалог” и други.

Погребот Фотев ќе се одржи утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.