Хрватскиот октет „Игњац Фукс“ прозвучи прекрасно и со својата романтична мелодиозна интерпретација, поетика и емотивни бранувања создаде  релаксирачна атмосфера вчеравечер вo црквата „Света Софија“.

Овој ансамбл не е првпат на „Охридско лето“, но секој нивни настап  е празник за фестивалската публика.  Блескавото музицирање избиваше од длабочината на  осумтемина музичари кои и годинава изненадија со изборот на програмата со која се претставија во акустичната црква. Тие го избраа првиот романтичен композитор, Франц Шуберт(1797-1828), кој во својот кус животен век од 31 година напишал околу 600 соло песни,симфонии и камерни дела  од голема уметничка вредност.

Годинава доаѓаме во состав на октет и го отсвиривме Октетот на Шуберт во ф-дур Д 803 кое е едно од најмонументалните дела во камерната класична музика. Станува збор за многу познто дело во класичните кругови што траеше час и половина. Шуберт е еден од најголемите композитори на класична музика и со големо задоволство го изведовме Октетот, вели познатиот македонско-хрватски контрабасист Илин Диме Димовски, иницијатор за формирање на ансамблот „Игњац Фукс“ и негов уметнички раководител.

Минатата година овој музички состав настапи на „Охридско лето“ како квинтет со дела од класичната и неокласичната музика.

„Игњац Фукс“ е мешовит камерен ансамбл. По потреба, поради концерти, турнеи и проекти, ние го менуваме составот на ансамблот, односно бројот на членови,но основните членови секогаш се трудиме да ги задржиме, додава Димовски.

Ансамблот „Игњац Фукс“ е формиран во јуни 2016 година по иницијатива на контрабасистот Димовски и на српскиот кларинетист Александар Тасиќ, кога на нивно гостување во Макао со театарско-оперската група “Third World Bunfight” им се укажува можност за дополнителен концерт на камерна музика во соработка со Хонгконгшката пијанистка Жаклин Леунг.

Оттаму се јавува идејата за флексибилен ансамбл во кој членуваат најистакнатите класични музичари од бившите југословенски простори, како што е и случајот со ансамблот на “No Borders Orchestra”, каде што Тасиќ и Димовски се запознаваат. Во исто време, флексибилен ансамбл значи поголема уметничка слобода во креирањето на програмата за еден концерт и помага во промовирањето на камерната музика, која е врвот на западно-класичниот музички израз.

Следната година „Игњац Фукс“ го очекува голема балканска турнеја во овој состав, гудачки квинтет и дувачко трио со кларинет, фагот и хорна. Името на ансамблот е  всушност првото има на познатиот хрватски композитор Ватрослав Лисински.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.