Издавачката куќа „Или-или“ реагираше на објавувањето на резултатите за издавачка дејност на Министерството за Култура.

Почитувани,
Не знам на кој начин ова писание да ви го направам интересно, слабо се снаоѓам со административни работи, а искрено и не ми е до забава.
Ова што се случи со Или-Или во програмата за оваа година е речиси исто со она што ни го направи Бети Канчевска Милевска пред две години. Не велам дека е намерно но резултатот е тој.
Работава е, драги мои, во коверти. Да, во коверти.
Од оваа година пријавата за секоја книга требало да се стави во посебна коверта па таа да се стави во друга коверта и на неа да се напише адресата на министерството. Е ние, види не’ колку сме прости, пријавите за секоја книга посебно сме ги ставиле во посебни проѕирни папки, и сите заедно сме ги ставиле во една коверта а истата сме ја ставиле во друга коверта. И така со таа коверта голема како телевизор отидовме во писарницата на министерството да ги предадеме 10-те пријави за 10-те книги. Со Игор Анѓелков, и самите несигурни околу новата пракса, си рековме дека доколку има проблем ќе купиме 20 коверти, ќе седнеме во некое кафеанче во Дебар мало и како мали деца ќе ставаме, ќе пишуваме, ќе подлизнуваме и ќе лепиме, колку и да изгледа смешно и сулудо. Но не испадна така, во писарницата ни го примија телевизорот без проблем, им кажавме дека внатре имаме 10 пријави, и тоа беше тоа. И да, не се работеше за последниот ден од конкурсот кога има редици, нервози и можни недоразбирања. Не.
И така, комисијата ни одобрува 9 книги, правната служба вели НЕ, тоа никако, не е законски, тие (Или-Или) се водат дека имаат само една пријава…и да не ве замарам.
Имавме некои „ветувања“ дека ова ќе се реши но ете, ништо. Небитни работи, нели? Не отворале врати од Собрание па да им решаваме проблеми!
Им се извинувам, искрено им се извинувам, и Игор им се извинува, на сите наши прекрасни автори и преведувачи, на сите наши читатели, заради овој Апсурдистан во кој се заглавивме.
Најлесно е да се ослободиш од физичките огради, напиша Ненад Стевовиќ од
ИЛИ-ИЛИ на својот Фејсбук профил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.