Во понеделник (18 ноември) во издание на „Или-Или“ од печат излегува првата збирка раскази „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш. Книгата е 178 -ми наслов во едицијата ПРОаЗА, соопштија од издавачката куќа.

Светлана Камџијаш до сега има објавено книги од областа на философијата „Ведите и упанишадите-сликата на светот“, „Крајната слобода на философијата веданта“, „Од брегот на реката Ганг“ и „Шест Упанишади“ како и две поетски книги: „Чекори во летот“и „Небо-индиго“. Предава философија, естетика и етика на Педагошкиот факултет во Скопје.

Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: „Невидливото го правеше видливо“. За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од деталот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот.

Авторката како да ги вткала во своите раскази сите уметности, и ова не го велам само затоа што некои од нејзините ликови се уметници, туку пред сѐ затоа што самиот живот, самото човеково постоење во расказите на Камџијаш е доживеано и раскажано како уметност, напиша за книгата писателот Гоце Смилевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.