На  третата прес конференција посветена на јубилејното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаkи“ директорката на Фестивалот, Гена Теоосиевска го објави вториот лауреат на Златна камера 300 за животно дело, светски познатиот кинематографер Јоргос Арванитис.

Оваа година, Интернационалниот фестивал на  филмската камера „Браќа Манаки“ ја слави уметноста на Јоргос Арванитис, еден од најважните европски директори на фотографија на сите времиња, чија работа ги обликувала филмските визии на генерации синеасти од целиот свет, беше истакнато меѓу друготот на денешната прес конференција на ИФФК „Браќа Манаки“ на која беше соопштена одлуката токму Арвантис да ја добие наградата за животно дело „Златна камера 300′.

Активен и како снимател и како кинематографер уште од шеесетите, Арванитис остварил комерцијален успех во грчката филмска продукција во „ФИНОС филмс“ пред да го започене своето легендарно тандем-партнерство со Тео Ангелопулос, одлучно преминувајќи на територијата на уметничкиот филм и конечно преселувајќи се во Франција, неговата втора професионална татковина.

Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови насекаде низ Европа и низ Медитеранот.

Јоргос Арванитис е роден на 22 февруари, 1941, во Дилофо, мало селце во управната единица Фтиотис, Централна Грција.

Неговото детство било во голема мера оптоварено од општествените и политички превирања што следеле по германско-италијанската окупација на Грција. Откако го изгубил татко си, член на Отпорот, на многу рана возраст бил принуден да се пресели во Атина заедно со браќата и сестрите. Во главниот град, како млад човек, завршил образование учејќи за електричар, и кратко работел во градежништвото. Мотивиран од внатрешната љубопитност предизвикана од технологијата, наскоро пројавил интерес за филмот и започнал интензивно практично да го изучува занаетот што запрело кога славната грчка продукциска куќа „ФИНОС Филмс“ го најмила како кинематографер на „О ксиполитос прингипс“ на Јанис Далијанидис во 1966 година. Додека уште бил вработен во „ФИНОС Филмс“ (за кои продолжил интензивно да работи до 1972), Арванитис ја започнал својата легендарна соработка со Тео Ангелопулос, формирајќи го убедливо најпрославеното и највлијателно тандем-партнерство во историјата на грчкиот филм. Нивниот прв заеднички филм е краткиот „Емисијата“, сатиричен, синема-верите филм, коj ја доби наградата на Грчкото (хеленското) здрижение на филмски критичари на Филмскиот фестивал во Солун во 1968 година. По две години, „Реконституција“ (1970), снимен во морничава црно-бела техника во забито село во Епир, го одбележува нивниот прв меѓународен успех кај критиката, и Арванитис ја добива првата од осумте награди за најдобра камера освоени во Солун во текот на над триесет години.

Следните десет играни филмови што ги направил заедно со Ангелопулос од 1972 до 1998 година, повеќето од нив снимени со камерите АРРИ 2Ц, БЛ2, БЛ3 и БЛ4 (ARRI 2C, BL2, BL3, BL4) – се ремек дела: „Деновите од 36-та“ (1972), „Патувачките играчи“ (1975), „Ловците“ (1977), „Александар Велики“ (1980), „Патување до Китира“ (1984), „Пчеларот“ (1986), „Пејзаж во замаглината“ (1988), „Воздржаниот чекор на штркот“ (1991), „Погледот на Одисеј“ (1995) и добитникот на Златната палма во Кан „Вечност и еден ден“ (1998). Преку нив прикажуваат една слика за Грција пред јавноста насекаде низ Европа и пошироко. Во Арванитис, меланхоличниот филмски свет на Ангелопулос наоѓа кинематографер кој е способен не само до ги осветли сцените со ненадмината елеганција, туку исто така и да отвори простори преку движењето на камерата и нијансите на боите, да даде текстура и длабочинина на сенишните и лаконски ликови кои секогаш се фатени во клинч одејќи по речиси невидливите граници што го одделуваат минатото од сегашноста, реалноста и сеќавањата.

Кон крајот на седумдесетите, Арванитис имал можност својата филмографија да ја дополни со две важни соработки со Михаел Какојанис („Ифигенија“, 1977) и Џулс Дасин („Сон од страст“, 1978). Преминот кон уметничкиот филм е неповратен. Сега веќе како етаблиран кинематогафер, кој предизвикува восхит со непогрешливата прецизност на мајсторски изведените долги кадри, кон средината на осумдесетите години од минатиот век е принуден да се соочи со падот на грчката филмска индустрија. Стравот од тоа да не се претвори во клише, како и наградите добиени во Чикаго за „Пејзажот во замаглината“ и во Венеција за филмот на Жан-Жак Андриен „Австралија“ во 1989 се одлучувачки фактор за да се пресели во Париз со семејството, истата година. Како член на Француското друштво на кинематографери од 1991 година, во Франција ги проширува своите уметнички хоризонти и го става својот визуелен талент во служба на некои од најинтересните филмаџии на европската сцена. Во текот на следните три децении тој се поврзува со импресивен број на светски познати режисери: Ранда Шахал Сабаг („Екрани од песок“, 1991), Волкер Шлондорф („Патник“, 1991), Жан-Пјер и Лук Дарден („Мислам на вас“, 1992), Марко Белокио („Сонот на пеперутката“, 1994), Агњешка Холанд („Целосна еклипса“, 1995), Горан Паскаљевиќ („Нечија туѓа Америка“, 1995), Марко Ферери („Азотна база“, 1996), Шон Матијас („Свиткан“, 1997), Раду Михалеану („Воз на животот“, 1998), Џонатан Нозитер („Знаци и чуда“, 2000), Амос Гитаи (Кедма, 2002), Фредерок Вајзман („Последното писмо“, 2002), Пантелис Вулгарис („Мостови“, 2004) и Мехди Шареф („Грациела“, 2015). Особено се истакнува и неговата работа со Катрин Бреја: четири филмови за осум години, од контроверзниот „Романса“ (1999) до „Последната љубовница“ (2007).

 

Неговата најнеодамнешна соработка од висок профил – по годините поминати поддржувајќи ги младите таленти како Јасмин Касари („Заспаното дете“, 2004), Томас Клеј („Големата екстаза на Роберт Кармајкл“, 2005) и Џојс а. Нашавати („Слепо сонце“, 2015 година) – е со неговиот сонародник кој е исто така експатриран во Франција, Костас Гаврас. Нивниот нов филм, „Возрасни во просторијата“, врз основа на најдобро-продаваниот политички мемоар на Јанис Варуфакис, моментално е во постпродукција.

Назначен за претседател на Филмскиот фестивал во Солун во 2015 година, и на Грчкото друштво на кинематографери во 2019, Јоргос Арванитис не престанува со работа. Педесет и три години откако го потпишал својот прв филм како директор на фотографија, продолжува да биде џиновска фигура во европскиот филм, ќе напише Масимо Леки, филмски критичар, Италија

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.