Проекцијата на македонскиот кандидат за Оскар, „Медена земја“ предизвика огромно интересирање кај публиката, но и денеска кај новинарите. Кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума, како и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев открија интересни моменти од снимањето на филмот.

Сите комунициравме без проблем иако стануваше збор за двајца режисери и двајца кинематографери. И сега на проекциите кога го гледам филмот не можам да препознам кои кадри јас сум ги снимал, а кои Фејми. Таа компатибилност, на двајца кинематографери кои се комплетно различни укажува на тоа дека успеавме да направиме филмот да изгледа како да е снимен од еден човек, рече Љума, кој појасни дека причината поради која дошло до ангажирање на двајца кинематографери и двајца режисери е всушност видео кој требало да го снимат за три месеци, финансирано од Швајцарската организација за развој, тоа всушност било проект за заштита на животната средина и поради брзината која им била потребна се направил тимот, а снимањето на видеото се претворило во овој резултат кој го имаме денес.

Во филмот, мајката на Атиџе умира и тие денеска раскажуваа за тие денови од снимањето:

Навистина мајката на Атиџе почина за време на снимањето. Таа беше во тешка состојба извесен период и кога ни јавија дека починала се организиравме да стигнеме до таму и бидејќи сметавме дека тоа навистина е интимен момент, буквално само 15 минути влеговме внатре. Но, во документаристиката тоа е експлозивниот момент. Се двоумевме околу тоа, но сфативме дека тие моменти даваат тежина на документаристиката и одлучивме дека ќе ги снимиме, смртта, раѓањето на животот – кога се пораѓа кравата и пчелите кои го затвораат кругот, рече кинематограферот Фејми Даут.

За монтажерот и продуцент Атанас Георгиев било кој да недостигал од оваа екипа, филмот немаше да биде ова што е, а во однос на кампањата за негово претставување подвлече дека треба да бидат креативни.

Во документаристиката нема пари. Најголемите пари ни стигнаа кога филмот беше завршен, а сите пари пак ги потрошивме на филмот. Поголемиот дел од филмот, 80% е финансиран од странство, од Филмскиот фонд на Сан Франциско и Турската телевизија, Агенција за филм на Северна Македонија. Американската компанија која не застапува во САД во кампањата не поддржа со еден милион. Немаме скапа кампања и мораме да бидеме креативни за да можеме некако да се носиме со другите кандидати. Од американска призма ние сме кампања со екстремно низок буџет и ќе пробаме да бидеме креативни. Тегличките со мед се дел од креативниот дел од кампањата кои всушност се продаваат од врата на врата и секој плаќа колку што мисли дека треба да даде за тегличката мед и парите одат за заедницата. Лимитирани се тегличките, имаме околу 100 килограми мед, но и членовите на Академијата која доделува Оскар почнуваат да бараат од медот така што станува интересно, објасни Георгиев.

Фејми Даут раскажа за искуството кога бил искасан од пчелите додека снимале.

Немавме заштита додека снимавме. Гледајќи ја Атиџе стекнавме доверба дека сето тоа ќе биде безопасно, но јас бев единствениот што беше каснат од пчела во текот на снимањето, но се заврши добро. Ме нападнаа пчелите на високите карпи каде Атиџе оди да го земе медот, среде лето снимав без маичка и кога ме нападнаа како дивокоза се искачив до врвот за да избегам и се уште не сум свесен како успеав да се качам, рече Даут.

Атиџе по нејзина желба присуствувала на неколку фестивали, но тимот смета дека таа треба да остане пчеларка и да си се врати на нормалниот живот кој и онака и е испревртен по снимањето на „Медена земја“.

Таа избра да патува во Турција и во САД, но досега не патувала со авион, никогаш не била во хотел, никогаш не гледала филм во кино и сето тоа имавме можност да видиме како и го поремети животот. Инаку таа е родена ѕвезда само досега немала можност да го покаже тоа. Многу одбро се однесува пред камера и пред микрофон, излегува на сцена, компонира песни…За неа, од буџетот кој го имавме, набавивме мала куќа каде што таа има роднини и каде што сакаше да се пресели. Им помагаме и на децата од другото семејство за кои сакаме да излезат на прав пат. Според мене, повеќе би сакал едно од повозрасните деца да го образуваме за филм и да патува со нас по фестивали, отколку Атиџе, рече Георгиев.

Тој потенцираше дека и покрај прикажувањето на оскудните услови за живот, целта е да се пренесе пораката за животната средина, а не убавината или сиромаштијата. Сите сцени се само фасада за приказната која сакавме да ја раскажеме.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.