По една година пауза, Битола од 16 до 21 септември ќе биде домаќин на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ кој поради пандемијата со ковид-19 ќе има скратено, хибридно издание. Фестивалот ќе се одржува под мотото „Покрај се“ и во знакот на протоколите за заштита од Ковид-19.

Бевме подготвени на повеќе опции во зависност од епидемиолошката ситуација и има големи изгледи дека ќе се реализира опцијата за фестивал со физичко присуство на публиката на сите проекции, вели во разговор за „Република“ Слаѓан Пенев, селектор на натпреварувачката програма на ИФФК „Браќа Манаки“.

Годинава во селекцијата на главната награда „Камера 300“, како што вели селекторот Пенев, се вклучени десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и во Карлови Вари. Според Пенев. Ќе има и филмови кои ќе им се допаднат на прв поглед на најголем дел од гледачите, но ќе има и поспецифични дела.

Какви филмови ќе понуди натпреварувачката програма на 42. Издание на Фестивалот Браќа Манаки?

ПЕНЕВ: Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и овој пат ќе понуди одлични филмови, комплетно маестрално спакувани и визуелно извонредни филмови какви што сме навикнале да гледаме на овој фестивал. Доминираат европските филмови, има два азиски и еден африкански филм, а тематски најдоминантни се филмовите кои прикажуваат бурно созревање на млади личности во неколку различни културни и социјални современи контексти. Секако, и љубовта е присутна во голема мера, романтична, мелахолична, невозвратена или неразбрана. И неизбежно, темите на дел од големите социјални проблеми на денешницата, како бегалците и борбата за преживување во тешки услови, се вткаени во дел од овие десет дела.

Дали во селекцијата ќе има филмови за широката публика или пак можеби се одлучивте за дела кои не се многу познати, но талентирани автори?

ПЕНЕВ: Ќе има и филмови кои ќе им се допаднат на прв поглед на најголем дел од гледачите, но ќе има и поспецифични дела, за кои е потребно малку потемелно познавање на некои културни специфики, некои стилски сензибилитети, па и малку поотворен дух за „различностите“.

Оваа година ќе имаме тројца директори на фотографија кои претходно учествувале во програмата „Камера 300“ и добиле една од главните награди на фестивалот

За оние кои ќе присустуваат во Битола, што не смеат да пропуштат од програмата?

ПЕНЕВ: Освен одличните филмови, од кои за поголемиот дел верувам дека нема да има друга шанса да се видат на големо платно во кино салите низ Македонија, сигурен сум дека мастер класовите на големиот кинематографер Кристијан Бергер, на композиторката на филмска музика Џослин Пук и на звучниот перфекционист Грег Малканџи се нешто што не би требало да се пропушти.

Како беше да се организира Фестивалот и да се селектираат филмови во време кога пандемија? Лани Фестивалот не се одржа, а годинава изданието е хибридно.

ПЕНЕВ: Тимот кој го организира фестивалот „Браќа Манаки“ процени дека би било голема грешка доколку и оваа година не се направи максимален напор да се реализира еден од најзначајните филмски фестивали во регионот. Бевме подготвени на повеќе опции во зависност од епидемиолошката ситуација и има големи изгледи дека ќе се реализира опцијата за фестивал со физичко присуство на публиката на сите проекции.

Дали меѓу овие десет кинематографери има неколку познајници и пријатели кои и претходно гостувале во Битола и освојувале награди на фестивалот?

ПЕНЕВ: Оваа година ќе имаме тројца директори на фотографија кои претходно учествувале во програмата „Камера 300“ и добиле една од главните награди на фестивалот. Јани-Петери Паси во 2016 година освои „Златна Камера 300“во Битола со филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“, а оваа година ќе биде повторно присутен со филмот „Купе бр.6“. Кинематограферката Хелен Лувар која ја доби „Златната камера 300“ на нашиот фестивал од 2019 година за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“, сега ќе биде повторно на фестивалската програма со хрватскиот филм „Мурина“. И Рубен Импенс, кој ја доби „Сребрената Камера 300“ за филмот „Белжика“ сега ќе се натпреварува со филмот „Титаниум“, која ја освои Златната Палма на Филмски фестивал во Кан.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.