Глумците од Театарот за деца и младинци создаваат магија и навистина им е потребна поголема сцена на која ќе дојдат до израз сите нивни квалитети. Глумат, играат, пеат, свират… Ретко кој го прави тоа, а ним постојано им успева и во тоа се навистина одлични. И сето тоа само на пет метри квадратни.

Синоќа во ТДМ се одржа премиерата на претставата „Том Соер“ од Марк Твен, во драматизација на Горјан Милошевски, а во режија на Деан Дамјановски. „Том Соер“, сигурно ќе биде нова хит-претстава во ТДМ, а за тоа е заслужена целата екипа.

Главниот лик во Том Соер го игра Бојан Кирковски, а во претставата уште играат и Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, а музиката на Горан Трифуновски-Пајак.

Претставата трае 55 минути и е наменета за деца од 9-10 години па нагоре, но синоќа во публиката имаше и многу помлади кои уживаа во претставата и гласно се смееја и коментираа.

Во манир на популарната тв-серија „Палавковци“, со многу гегови, физички театар, движејќи се меѓу комедија и фарса, „Том Соер“ ве остава без здив и посакувате повторно да дојдете да ја погледнете. Музиката одлично се надополнува на претставата, па на заминување си потпевнувате „Том Соер, Том Соер…“

На Дамјановски ова му е четврта премиеа во ТДМ, по „Пепелашка“, „Грдото пајче“ и „Малата сирена“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.