Главната улога беше пишувана за машки лик, тоа беше приказна за двајца браќа. Една година правев кастинзи за главниот лик и не можев да го најдам. Помислив дека треба да направам нешто радикално и тогаш одлучив да го сменам во женски лик, без да променам точка или запирка во сценариото, вели режисерот Борјан Зафировски, чиј прв игран филм „Ефектот на среќата“ синоќа го отвори 18. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Филмот „Ефектот на среќа“ на Зафировски е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Филмот ја раскажува приказната за Леа, млада девојка, која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, започнува необична потрага по среќа и почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе.

Леа ја игра Дејана Попоска, Во филмот играат и Ана Стојановска, Сара Анастасовска, Петар Арсовски, Јовица Михајловски и Мими Таневска.

Дејана Попоска беше повикана за споредна мала улога, но ме изненади и ја доби главната улога на Леа“, вели режисерот Зафировски, кој во 2012 година беше дел од 11-темина режисери, кои снимија кратки филмови за омнибусот „Скопје ремикс“.

Почетна точка за филмот на Зафировски му била книгата на Гете „Страдањата на младиот Вертер“.

Книгата е позната по тоа дека предизвикала Вертер-ефект, негативен домино ефект во некоја уметност. Кога била објавена книгата, во некои земји бројот на самоубиства пораснал за 30 отсто. Размислував дека ако постои нешто во уметноста како Вертер-ефект, тогаш мора да постои нешто спротивно, некоја позитивна уметност која создава позитивен домино ефект. Јас тој ефект го нареков хепинес ефект и тоа е главната тема, филмот се занимава со психологијата на позитивно размислување, вели Зафировски.

Зафировски го пишувал сценариото со драматургот Дејан Дуковски, а продуцент е „Ново македонско видео“ на Сашо Пешев. Снимател е Димо Попов. Музиката е на Огнен Атанасовски.

Борјан Зафировски

На забелешките дека визуелно филмот изгледа одлично и ни прикажува некое друго Скопје кое би сакале да го знаеме, Зафировски вели:

Вака си го посакувам и понекогаш вака го доживувам. Мојата идеја е како режисер да ги најдам сите тесни ќошиња и во градов и во државава, кои се помалку ги има. Мислам дека во филмската уметност премногу заглавивме во извоз на некоја беда, која за жал многу добро се продава по фестивали на запад, но мојата идеја беше да направам нешто сосема обратно. Точно, во оваа држава постои тој елемент, но зошто да се фокусираме само на тоа, додава Зафировски.

Филмот е поддржан со 260.000 евра од Агенцијата за филм на Македонија, а копродуценти се „Њу момент“, „Видео хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Албанија и Центарот за филм на Косово.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.