Во Кинотека на Македонија синоќа со проекцијата на францускиот филм „Што зборуваме, што правиме“ на режисерот Емануел Муре, од 2020 година беше отворена „Недела на франкофонскиот филм“.

После подолго време повторно се враќаме на франкофонијата и на франкофонските филмови. Прв пат после подолг период имаме и три амбасадори вечерва со нас Н.Е. г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција и Н.Е. г-ѓа Вероник Хулман, Амбасадорка на Швајцарија во Македонија и Н.Е. Моника Аксинте, Амбасадорка на Романија во Македонија. Посакувам да имаме што почесто филмови од нивните земји, истакна на синоќешното отворање директорот на Кинотека, Владимир Ангелов.

На свеченото отворање се обратија амбасадорите на Франција, Швајцарија и Романија во Македонија.

Ми претставува големо задоволство да присуствувам на отворањето на неделата на франкофонски филм. Во екот сме на прославата на Месецот на Франкофонијата, во прославувањето на јазикот кој сите го зборуваме. Македонија е полноправна членка на Франкофонијата и се трудиме со политичка поддршка на највисоко ниво да дадеме силна поддршка да се зголеми изучувањето на францускиот јазик на заслуженото ниво. Франкофонијата ги претставува сите наши заеднички вредности, и денеска ние сме горди повеќе од било кога бидејќи ги браниме во време кое претставува будење на Европа. Франкофонијата е празник на културната разноликост и размена на култури. Седмата уметност во таа насока е исто така еден вектор. Во текот на оваа недела на франкофонски филм ќе ви претставиме четири филмови со поддршка на амбасадите на Швајцарија и Романија. Се обидовме преку овие филмови да го претставиме богатството и разновидноста на филмското творештво во франкофонскиот простор. Вечерашниот филм говори за постоењето, но и непостојаноста на љубовните врски. Ова е последно филмско остварување на режисерот Емануел Муре кое беше претставено во официјалната програма на фестивалот во Кан во 2020 година, рече францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер.

Франкофонијата е збир на вредности кои ние сите заедно ги споделуваме и кои денеска повеќе од било кога треба да бидат одбранети. Швајцарија на недела на франкофонскиот филм го прикажува филмот „Семејство“ на Фредерик Бајиф.

Среќна сум поради културната разновидност која ја носи францускиот јазик. Сите ние имаме свој идентитет, но зад јазикот кој го споделуваме се кријат најразлични изрази и пристапи и со тоа се покажува целото богатство што со себе го носи Франкофонијата. Културната и јазичната разновидност не се секогаш лесни за носење. Во Швајцарија се говорат четири јазици, од кои три се официјални, меѓу нив е и францускиот јазик. Зад таа јазична разновидност, тој швајцарски идентитет, тој јазик со себе носи одреден идентитет, но воедно преку него се доаѓа до меѓусебно разбирање, носи богатство, а тоа ја прави Швајцарија голема. Утревечер ќе имате можност да погледнете швајцарски филм кој ги прикажува односите меѓу конзервативниот дел од семејството со оној помладиот понапреден дел, посочи амбасадорката на Швајцарија Вероник Хулман.

Амбасадата на Романија годинава се приклучи на прославата на Франкофонијата со прикажување на документарниот филм „Дива Романија“.

Амбасадата на Романија е почестена што вечерва е дел од прославата на Франкофонијата, која е заедница на споделени вредности, на еден свет за кој сакаме да биде слободен и демократски. Со оглед дека овој месец го славиме месецот на Франкофонијата и дека Романија е земја светилник на франкофонијата во Централна и Источна Европа, јас вечерва би сакала да и честитам на Македонија за учеството и поддршката на францускиот јазик.  Романија оваа година како шридонес во франкофонскиот филм прикажува документарен филм посветен на природата на Романија, истакна амбасадорката на Романија во Македонија, Моника Аксинте.

Останатите проекции во рамките на Неделата на франкофонскиот филм се: в петок 25 март 2022, во 20:00 ч., швајцарскиот филм „Семејство на Фредерик Бајиф (2022) ; в сабота 26 март 2022, во 18:00 ч. белгискиот филм „Богородица од Нил“ на Атик Рахими (2020 год.), и во 20:00 ч., романскиот документарен филм „Дива Романија“.

Сите филмови се прикажуваат со превод на македонски јазик, а за романскиот филм обезбеден е само превод на француски јазик.

Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.