Денес (18 декември 2019 година), 18:30 часот, во КИЦ на Македонија во Софија ќе биде отворена фотоизложбата „Животот на другите“ на Божидар Барлакоски. На неговата прва самостојна изложба во главниот град на Бугарија ќе бидат изложени околу 24 фотографски дела. За изложбата на фотографиите кои ретко храбро се претставувани во јавноста, авторот има подготвено и каталог кој ќе го претстави на отворањето.

Изложбата е составена од „фотографии од луѓе и животот на луѓето. Животот на оние „другите“, кои можеби ќе ги најдете по социјални мрежи, но не ги гледате во секојдневие. Животот кој останува скриен под плаштот на секојдневната „нормалност“. Занаети кои изумираат со секој нареден удар на ковачот, стари пријателства кои траат повеќе и од љубовта, насмевка во осаменост развлечена од сеќавање на една младост, тагувањето и последниот поздрав со ближниот, цената на животот во окрвавените раце….

Некои ќе останат шокирани, некои ќе бидат разгневени, некои ќе осудат за бруталност… но тоа сме ние. Тоа е животот на „другите“ околу нас. Скриени по провинциите. Незабележани од модерноста. Оние од кои потекнуваме и од каде потекнуваме. Оние кои кои исто како нас живеат, подалеку од новата, виртуелна реалност, подалеку од вестите на тв, многу подалеку од илузиите, оние без кои ќе преживееме, но нема да сме цели.“

Божидар Барлакоски е роден 1984 година во Прилеп. Активно работи со фотографија седум години и е член на Фото-кино клубот “Прилеп“. Добитник е на повеќе од дваесет и пет меѓународни награди за фотографија, меѓу кои и бронзен медал за фотожурнализам од Toronto Camera Club, PSA сребрен медал за фотографија во Кипар, сребрен медал за фотографија во Украина, златен медал за колекција на фотографии на денови на македонската фотографија 2014 година, како и бројни признанија и дипломи. Фотографија од Барлакоски е објавена на веб-страницата на National Geographic како избор на денот. Учествувал како член на жири комисија на два меѓународни конкурси за фотографија. До сега има поставено две самостојни изложби, во Кичево и во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.