Фотографиите на доајенот Живко Јаневски се визуелен документ на времето кога се осамостојуваше Републиката. Во овие фотографски записи снимени во почеток на деведесетите години на минатиот век е документирано времето на големите опшествени промени во Македонија, вели Станко Неделковски, кустос во Музејот на Град Скопје, кој ја уреди изложбата „Живко Јаневски – Точки на интерес“ а ќе се отвори на 1 декември во 19,30 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

Првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички претставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани се документирани преку фотографиите на Јаневски кои биле објавени во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Јаневски почина на 15 март 2000 година во Скопје како уредник на фотографија во дневниот весник „Нова Македонија“.

Сè ова ќе завршело на буниште, ако Станко Неделковски не ги пронашол негативите од фотографиите кои ќе бидат дел од изложбата. По ходниците на НИП-от, кога поранешната издавачка куќа влезе во стечај имало куп картонски кутии полни со материјали. Неделковски, инаку фотограф и вработен во Музејот на Град Скопје почнал да пребарува низ материјалите и на една од тие кутии полна со големи жолти коверти, било испишано „Црно – бели Живко“. Му било дозволено да ги земе. Во ковертот имало 285 негативи, осносно околу 9.500 фотографии. Неделковски успеал да ги дигитализира и од тој материјал направил селекција од 110 фотографии што ќе бидат поставени на изложбата.

Овие фотографии го документираат најважниот период од формирањето на Македонија како самостојна држава, говори можеби за најважниот период, одд 1989 до 1994 година.

НЕДЕЛКОВСКИ: Секако дека периодот е значаен од историски аспект, како визуелен документ на времето кога се осамостојуваше Републиката. Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на деведесетите години на минатиот век, документирано е времето на големите опшествени промени. На филмските негативи се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички претставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани

Станува збор за извореден материјал, снимен од врвен фоторепортер, кој сега првпат јавно се презентира во форма на изложба.

НЕДЕЛКОВСКИ: Изложбата е форма за јавно преставување на овие авторски дела и покрај тоа што дел од фотографиите биле објавениво во тогашниот дневн весник „Нова Македонија“. Фотографиите тогаш имале функција да пренесат видување на некој настан и случување, а сега од една дистанца ќе се потсетиме на тие времиња но со еден нов поглед ќе може да ја видиме креативноста од фотграфски аспект на авторот.

Седница на Собранието 1992 година, Автор: Живко Јаневски

Фотографиите од изложбата се дел од секојдневната повеќедецениска работа на Живко Јаневски како фоторепортер на тогаш најголемата издавачка куќа, НИП „Нова Македонија“. Што беше најтешко при составување на изложбата?

НЕДЕЛКОВСКИ: Реално не може да се презентира целокупниот материјал кој е достапен за оваа изложба, морав да направам селекција во која ќе има приказна за времето и креативниот напор на авторот, а да се презентира дел и од интересот кој го имал за создавање на фотографиите и надвор од секојдневните работни задачи во Издавачката куќа.

Материјалот кој вие го пронајдовте во еден од ходниците на НИП „Нова Македонија“ за малку ќе завршел на буниште. Во тој материјал, во тие жолти коверти на кои пишувало „Црно-бели Живко“ имало 285 црно-бели филмови и 9.500 негативи. Можете ли да објасните што се требаше да се направи за да се стигне до изборот од 110 фотографии кои ќе бидат прикажани на изложбата?

Дождлив ден, 1990, автор: Живко Јаневски

НЕДЕЛКОВСКИ: Бидејќи материјалите се состоеа од црно-бели филмови, требаше да се дигитализираат и прегледаат што содржат поединечно секој негатив. Со неколку селекции се дојде до изборот кој ќе биде поставен на оваа изложба. Изборот на фотографии одново се обработи и подготви за печатење и се изработија изложбени фотографии.

Како го правевте изборот? Посебно е важно нивното именување и датирање. Како го направивте тоа?

НЕДЕЛКОВСКИ: За истажувањето да биде целосно, продолжив со откривање на фотографиите во изданијата на НИП Нова Македонија во Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ каде поголемиот дел на фотографии ги пронајдов и така ги датирав, на изложбата ќе бидат со легенди претставени за кои текстови во кој период се создадени овие фотографии и со наслови кои соодветствуваат на самите фотографии.

Овие фотографии се вредно културно наследство, но и наш пораз, бидејќи говорат за односот кој го има државата кон материјалите и докумените на нашата понова историја.

НЕДЕЛКОВСКИ: Како кустос во Оделот за Современа фотографија и филмски материјал во Музејот на град Скопје задача ми е да се грижам и обработувам културното наследство, а со тоа и да го презентирам на пошироката јавност, а овој проект го подрржаа и финансираа Градот Скопје и Министерството за култура

Колку е важно да се продолжи со истражување на материјалите со кои ќе се збогати современата фотографија на Музеј на Град Скопје?

НЕДЕЛКОВСКИ: Со оваа изложба ќе се збогати збирката на Музејот на град Скопје со 110 фотографии на доаенот на Македонската фотографија Живко Јаневски покрај збирките на Благоја Дрнков, Лазо Величковски, Иво Вељанов, Владимир Плавевски, Цветко Иванов.

Референдум на Албанците во Македонија 1992 година, Автор: Живко Јаневски

Кои се вашите сознанија, дали има уште материјали и жолти коверти кои завршиле во отпад?

НЕДЕЛКОВСКИ: Претпоставувам дека и на некое друго место има сочувано материјали, а оваа изложба ќе биде само иницијација ако негде има фотографски или филмски материјал не само од Живко Јаневски туку и голем број на фоторепортери кои работеле во издавачките куќи, да се истражат и бидат на вистинското место, во Музеите, каде ќе се зачуваат, заштититат и презентираат.

Патот кон Ресен 1993 година, Автор: Живко Јаневски

Живко Јаневски, мајстор на фотографијата

Живко Јаневски (Градско, 1.08.1940 – Скопје 15.03.2000) со фотографија почнал да се занимава како член на белградските фотоклубови „Електромашинац” и „Београд” (1957 /1968). За време на своите студии во Белград како член на фото клубовите освојува низа врвни награди и признанија во земјата и во странство за уметничка фотографија. Во 1962 година ја прави својата прва самостојна изложба во Клубот на Студентскиот дом во Скопје. Во 1965 година има самостојна изложба во Ваљево, и во 1966 и во Белград, Р. Србија, во 1974 самостојна изложба поставува во филмскиот Мотовун, Хрватска за да на истата година биде одликуван за Мајстор на фотографија на Југославија, а во наредната година во Берн, го добил највисокото меѓународно признание за уметничка фотографија ЕФИАП.

Томислав Димовски Бучки и Живко Јаневски

Во 1992 ја отвора ретроспективната изложба насловена “Imagines vitae” во Уметничката галерија – Скопје.

Неговиот талент кон крајот на шеесеттите години од минатиот век го забележал филмскиот режисер и сценарист Живоин Павловиќ кој го ангажирал како филмски фотограф за својот игран филм „Кога ќе бидам мртов и бел“, едно од неколкуте филмски остварувања од т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија. Во 1971 година повторно е ангажиран во областа на филмската фотографија, овој пат за потребите на „Црно семе“ – дебитантскиот игран филм на режисерот Кирил Ценевски.

Како фотограф професионално почнал да работи по враќањето во Скопје (1968). Целиот свој работен век го минал во НИП „Нова Македонија како уредник на фотографија на изданијата „Журнал”, „Нова Македонија”, „Вечер”, „Екран”, „Починка”, „Пулс”. Излагал уште на дваесетина групни изложби во најзначајни фото салони во светот. Освоил 84 награди.

Почина на 15 март 2000 година во Скопје како уредник на фотографија во дневниот весник „Нова Македонија“.

Од 2001 година е востановена годишна „Гран при награда Живко Јаневски” за најуспешни фоторепортерски остварувања.

Разговараше: Александра М. Бундлаевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.