Филозофскиот филмски фестивал, вечерва (19 мај), со почеток во 21 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката на Македонија ја отвора Ретроспективата Буњуел. На првата ретроспективна вечер ќе се одржи проекција на три краткометражните филмови на Луис Буњуел: АНДАЛУЗИСКИ ПЕС (1929), ЗЕМЈА БЕЗ ЛЕБ (1932) и СИМОН ПУСТИНИКОТ (1965).

 

Пред проекцијата, поздравни обраќања ќе имаат директорката на Филозофскиот филмски фестивал, Ана Дишлиеска Митова и амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Н.Е. Хосе Луис Лосано Гарсија. По проекцијата е предвидено излагање на м-р Ернесто Хедереро дел Кампо (Шпанија) на тема: „Буњуел и шпанската култура“, како и дискусија со присутната публика.

 

Во рамките на РЕТРОСПЕКТИВАТА БУЊУЕЛ ќе бидат прикажани 9 филмови во 7 фестивалски вечери, односно Така, наредните денови во склоп на програмата на Ретроспективата ќе можат да се погледнат и филмовите: ВИРИДИЈАНА (1961), АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ (1962), ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА СОБАРКА (1964), УБАВИЦАТА НА ДЕНОТ (1967), ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА (1972) и ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА (1977). Секоја вечер е предвиден и соодветен вовед или излагање од еминентни професори или професионалци од областа на филмот, философијата, филм-философијата, уметноста, филмската критика итн. Па така, публиката ќе има можност да дискутира и со: Стојан Синадинов (филмски критичар и соработник на Кинотеката), Луис Мартин Ариас (професор по филм, историја на филм, комуникација и аудиовизуелна индустрија на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија), Златко Ѓелески (писател и филмски, музички и книжевен критичар), Даријан Пејовски (македонски режисер), м-р Мариглен Демири (философ и активист), проф д-р Јасна Котеска (писателка, философ и редовна професорка по хуманистика на УКИМ). 

 

Сите настани од РЕТРОСПЕКТИВАТА БУЊУЕЛ ќе се одржат во Кинотека со почеток во 21 часот. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.