Филмскиот караван на Кинотека не запира. Септември останува ист, ако не и поинтензивен од претходните месеци, и по квантитет и по содржина. Се стартува со фестивалот на нем и класичен филм. Ќе трае неколку дена, ќе се презентира всушност она со што и започна филмската уметност. Тоа е немиот филм, но во едно ново пакување. По ова навраќање во минатото, следува веројатно најпровокативниот и најкоментиран филм сезонава, биографскиот епик Опенхајмер, во режија на прославениот Кристофер Нолан. Ако не сте го виделе досега, или сакате да го погледнете уште еднаш, ова е вистинската можност.
Потоа, ќе има премиерно прикажување на македонскиот документарен проект Лука, кој дава приказ на животот на група млади музичари од струмичката алтернативна сцена.
Во средината на месец септември, пак, ќе биде централното случување – средбата со германската кинематографија, вклопена во манифестацијата ДЕНОВИ НА ГЕРМАНСКИОТ ФИЛМ. Освен оваа содржина, кино-пресекот на германската филмска школа продолжува со мини циклусот на Вим Вендерс.
Три значајни филмски творби на познатиот филмски автор во светски рамки. Оваа мини ретроспектива ќе започне со проекцијата на ремек-делото Небото над Берлин. Направен во поетски стил, како посвета на Франсоа Трифо и Андреј Тарковски, мајсторски снимен од ценетиот Анри Алекан, филмот останува забележан во аналите на кино историјата и теоријата како еден од најдобрите и најцелосни примери на авторскиот, европски филм.
На исто рамниште е и фестивалскиот миленик Париз-Тексас. Бравурозната фотографија, атмосферичната лирска музика и нежната глума на убавата Настасја Кински го прават ова остварување неодминлива филмска лектира. Уште едно остварување што секогаш привлекува внимание, Алиса во градовите. Тоа е еден од првите играни филмови на Вендерс, снимен во седумдесеттите години на минатиот век. Проткаен со црно-бела фотографија, бавен, медитативен филм кој го покажува авторскиот стил на Вендерс во развивање.
Можеби е изненадување, но секако апсолутно заслужено следува проекцијата на еден од најдобрите кино ракописи на југословенската кинематографија, Ко то тамо пева. Ова дело на Слободан Шијан е култен филм, според многу филмолози од овие простори, најдобриот филм од осумдесеттите години на дваесеттиот век. И ова не е сè за месецот. На програмата на Кинотеката се и етнографски филмови како фестивалска презентација.
Финалето на докрај исполнетиот месец е резервирано за циклусот филмови на Џон Џост. Џост е американски филмаџија кому експериментирањето му е главна одлика, па дури и начин на живот. Не само што ќе може да се видат неколку филмови на Џост, туку и ќе може да се слушнат неговите видувања за и околу филмската уметност.
1 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК)
2 СЕПТЕМВРИ (САБОТА)
3 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)
4 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
ФЕСТИВАЛ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ
5 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
6 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
19 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
СИНИОТ КАФТАН
(Le bleu du caftan)
Игран филм, Белгија /Франција/Мароко/Данска
2023, 118 мин., колор, ДЦП
Режија: Марјам Тузани (Maryam Touzani)
Сценарио: Марјам Тузани (Maryam Touzani)
Улоги: Лубна Азабал, Салех Бакри, Ајуб Мисуи, Монја Ламкимел, Абделхамид Зуги, Закариа Атифи (Lubna Azabal, Saleh Bakri, Ayoub Missioui, Mounia Lamkimel, Abdelhamid Zoughi, Zakaria Atifi)
Мина води традиционална продавница за кафтани во една од најстарите медини во Мароко. За да биде во тек со барањата на клиентите, таа и нејзиниот сопруг Халим вработуваат талентиран чирак, Јусеф, кој покажува голема посветеност на учењето на вештините за везење и кроење. Со текот на времето, Мина разбира колку нејзиниот сопруг е трогнат од присуството на младиот човек.
СИНИОТ КАФТАН е последниот филм Марјам Тузани, едно од најеминентните имиња на современиот марокански филм. Филмот беше мароканскиот кандидат за оскар за 2022 година.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
5 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ПАЦИФИКЦИЈА
(Pacifiction: Tourment sur les Îles)
Игран филм, Франција/Шпанија/Германија/Португал
2023, 165 мин., колор, ДЦП
Режија: Марјам Тузани (Albert Serra)
Сценарио: Алберт Сера (Albert Serra), Баптист Пинто (Baptiste Pinteaux)
Улоги: Беноа Магимел, Серџи Лопез, Сесил Гилбер, Марк Сусини (Benoît Magimel, Sergi López, Cécile Guilbert, Marc Susini)
Високиот комесар на остров во Француска Полинезија, човек со плашлив карактер и дипломатско однесување, е растргнат меѓу барањата на високата политика и потребите на најниската општествена класа граѓани. Принуден да се справи со спротивставени барања, тој носи избрзани одлуки кои се во спротивност со неговите политички убедувања.
Шпанецот Алберт Сера е еден од најинтересните современи европски режисерки имиња познат по филмовите ПРИКАЗНА ЗА МОЈАТА СМР Т (Story of My Death) и СМРТТА НА ЛУЈ 16-ТИ (The Death of Louis XIV (2016). За разлика од неговите претходни филмови во кои се занимава со историски приказни, ПАЦИФИКЦИЈА е современ политички трилер кој се случува на егзотична локација (Француска Полинезија). Ова е филм за вистинските филмски сладокусци, визуелно раскошен трилер со бавно темпо и одлично сценарио.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
6 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ЕДНО УБАВО УТРО
(Un Beau Matin)
Игран филм, Шведска / Франција
2022, 112 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Миа Хансен-Лав (Mia Hansen-Løve)
Улоги: Леа Сејду, Паскал Грегори, Мелвил Пупо, Никол Гарсиа (Léa Seydoux, Pascal Greggory, Melvil Poupaud, Nicole Garcia)
Сандра Кинзлер е млада вдовица, која живее во Париз со нејзината осумгодишна ќерка, а работи како преведувачка. Постојано се грижи за нејзиниот татко кој боледува од прогресивна форма на невродегенеративна болест наречена Бенсонов синдром. Едно утро, во паркот во нејзиниот реон, таа го среќава Клемент, пријател на нејзиниот починат сопруг. Двајцата започнуваат романтична врска. Сандра се наоѓа на крстопат – дали да се предаде на љубовната релација со женет човек, или целосно да се посвети на грижата за нејзиниот болен татко. Филмот е добитник на награда од престижниот филмски фестивал во Кан – Europa Cinemas Label Award.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
7 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
8 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
9 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч
НОЌТА НА 12-ТИ ОКТОМВРИ
(The Night of The 12th)
Игран филм, Франција/Белгија
2023, 114 мин., колор, ДЦП
Режија: Доминик Мол (Dominik Moll)
Сценарио: Полине Гуена (Pauline Guéna), Жил Маршан (Gilles Marchand)
Улоги: Бастиен Бујон, Були Ланерс, Тео Колби (Bastien Bouillon, Bouli Lanners, Théo Cholbi)
Постојат судски процеси кои остануваат без епилог. Тие се заборавени од сите освен неколку инспектори. Џоана е прогонувана од убиството на Клара. За време на истрагата, неговото сомневање расте и многу работи стануваат нејасни. Единствен непобитен факт е дека на 12-ти е извршено убиство.
НОЌТА НА 12-ТИ ОКТОМВРИ е исклучителен крими трилер на искусниот француско-германски режисер Доминик Мол, за кој ја има добиено наградата Цезар за најдобра режија за 2023-та година.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
7 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
8 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
9 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ОПЕНХАЈМЕР
(Oppenheimer)
Игран филм, САД/Велика Британија
2023, 180 мин., колор, ДЦП
Режија: Кристофер Нолан (Christopher Nolan)
Сценарио: Кристофер Нолан (Christopher Nolan),
Улоги: Силиан Марфи, Емили Блант, Мет Дејмон, Роберт Дауни Џуниор, Флоренс Пју (Cillian Murphy, Emily Blunt, Matt Damon, Robert Downey Jr., Florence Pugh)
Опенхајмер, последното филмско остварување на Кристофер Нолан, е еден од најочекуваните холивудски филмови последниве години. Филмот претставува епска приказна за Ј. Роберт Опенхајмер и неговата улога во развивањето на атомската бомба.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 200 денари
11 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
12 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
13 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
14 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
ЛУКА
(Luka)
Документарен филм, Македонија
2023, 29:50 мин., колор, ДЦП
Режија: Ице Виранов (Ice Viranov)
Сценарио: Џејд Бинева
Учествуваат: Ставре Ангелаков (Stavre Angelakov), Џејд Бинева (Jade Bineva), Љубен Маџиров (Ljuben Madzirov)
Филмот ЛУКА го прикажува животот на група млади музичари од Струмица, кои во кризни времиња за опстојување на алтернативната културна сцена, се борат да најдат начини за израз на својата музичка креативност и иновативност. Во времиња на бесконечна општествена транзиција, младите уметници се принудени да бараат алтернативни патишта за творење и за презентирање на својата авторска уметност, а истовремено му пркосат на потрошувачкиот свет во кој владее „Тезгата“ како евтин и брз начин на практицирање култура, свет кој има негативно и погубно влијание врз развојот на автентичната и чиста авторска креација.
Во филмот се развива бунт против светот на конзумеризам, во кој културните и арт продукти се сервираат на брз и евтин начин, свет во кој владее Фаст артот и во кој вредностите се заменуваат со ѓубре и остатоци од капиталистичката брутална пропангандистичка епидемија на сомнителни вредносни скалила. Во една спротивна насока на современите услови, нашите млади музичари го одбираат обратниот пат. На еден начин тие потсетуваат на дадаистичките уметници во Европа од почетокот на дваесеттиот век кои вреснаа против лажните светски вредности. Денеска во уште полицемерно општество на изместени вредности, нашите музичари создаваат инструменти и звуци од отпад и ѓубре. Како некои алхемичари, го преобразуваат грдиот свет со нова убавина, мизеријата на транзициските градови пак, ја покриваат со смислата на креацијата.
Инструментите кои ги создаваат во своите ателјеа и импровизирани студија, наликуваат и на ликовни дела, на скулптури, нé навраќаат на времињата кога народниот анонимен гениј сам си ги создаваше четките и боите за да наслика слика, кога музичарот сам си го правеше инструментот за да го произведе звукот на својата музика.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
11 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
НЕБОТО НАД БЕРЛИН
(Wings of Desire/Der Himmel über Berlin)
Игран филм, Германија/Франција
1987, 127 мин., колор/Црно бело, ДЦП
Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)
Сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders), Питер Хандке (Peter Handke), Ричард Рејтингер (Richard Reitinger)
Улоги : Хери Дин Стентон (Harry Dean Stanton), Настасја Кински (Nastassja Kinski), Дин Стоквел (Dean Stockwell), Аурор Клемен (Aurore Clément), Хантер Карсон (Hunter Carson)
Двајца ангели, Дејмиел и Касиел, лутаат низ улиците на Берлин, набљудувајќи ги раздвижените жители. Тие можат да ги слушнат мислите – стравовите, надежите и соништата на сите смртници што живеат долу. Ангелите им праќаат невидливи знаци на надеж, но никогаш не комуницираат со нив. Кога Дејмиел се вљубува во осамената трапезистка Мерион, тој е спремен да се откаже од својата бесмртност. Копнее да го доживее животот во физичкиот свет и открива дека е можно тој да добие човечки облик.
НЕБОТО НАД БЕРЛИН е една од најубавите градски кинематографски симфонии воопшто. Снимен непосредно пред падот на Берлинскиот ѕид, оваа прекрасна таписерија од звуци и слики, снимена во црно-бело и во боја од легендарниот Анри Алекан, го доловува духот на времето и засекогаш го направи името на режисерот Вим Вендерс синоним за филмска уметност.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
12 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
13 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
14 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
21 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18: 00 ч
ПРИМО ДА КРУЗ
(Primo Da Kruz)
Документарен филм, Бразил, Португалија, Франција
2022, 89 мин., колор, ДЦП
Режија: Алексис Зеленски (Alexis Zelensky)
Сценарио: Алексис Зеленски (Alexis Zelensky),
Улоги: ПРИМО ДА КРУЗ (Primo Da Kruz)
Примо да Круз штотуку излегува од затвор откако поминал 10 години зад решетки заради трговија со дрога, организиран криминал и вооружен грабеж. Тој го познава само светот на затворот и криминалот. Сепак, му се нуди втора шанса. Светот на современата уметност му ги отвора вратите. Низ патувањето на овој уникатен уметник, филмот го разоткрива бразилско општество кое е структурално расистичко и гангренозно од страна на сеприсутноста на Евангелистичката црква.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
15 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
СЛЕДНАТА ВРАТА
(Next Door/Nebenan)
Игран филм, Германија, САД
2021, 92 мин., колор, ДЦП
Режија: Даниел Брил (Daniel Brühl)
Сценарио: Даниел Келман (Daniel Kehlmann),
Улоги: Даниел Брил (Daniel Brühl), Петер Курт (Peter Kurth), Рике Екерман (Rike Eckerman)
Даниел е филмска ѕвезда навикната на успех. Неговиот живот е совршен. Живее во луксузен стан во Пренцлауер Берг, Берлин. Има убава жена и деца што ги чува дадилка. Тој е на врвот на својата актерска кариера и се подготвува за аудиција за неговата следна улога во американски филм за суперхерои. Во локалниот бар го среќава Бруно. Станува очигледно дека Бруно долго време го чекал овој момент. Овој човек занемарен од општеството – еден од губитниците на обединувањето и жртва на гентрификацијата на некогашниот Источен Берлин – се одмаздува, со Даниел како негова цел.
СЛЕДНАТА ВРАТА (2021) е црна комедија-драма во режија на познатиот германски и шпански актер Даниел Брил и сценарио на Даниел Келман, еден од најеминентните современи германски писатели и драматурзи. Главните улоги во филмот ги толкуваат Даниел Брил и Питер Курт. Филмот ја имаше својата светска премиера на 71. Меѓународен филмски фестивал во Берлин во 2021 година.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
16 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
FABIAN: GOING TO THE DOGS
(Fabian: Going to the Dogs / Fabian oder Der Gang vor die Hunde)
Игран филм, Германија
2021, 176 мин., колор, ДЦП
Режија: Доминик Граф (Dominik Graf)
Сценарио: Доминик Граф (Dominik Graf ), Константин Либ (Constantin Lieb)
Улоги: Том Шилинг (Tom Schilling), Саскја Росендал (Saskia Rosendahl), Албрехт Шух (Albrecht Schuch)
Филмот е историска драма во режија на искусниот Доминик Грас познат по филмот САКАНИТЕ СЕСТРИ (Beloved Sisters/ Die geliebten Schwestern), кој беше германски кандидат за Осар во 2012 година. Приказната е базирана според романот „Фабијан. Приказната за моралист” на Ерих Кестнер (Erich Kästner) кој дава еден реалистички, но во исто време и суреален приказ на Вајмарска Германија пред доаѓањето на нацистите на власт.
Приказната се случува во Берлин, кој тогаш бил турбулентно место. Додека градот е полн со живот, општеството врие и се распаѓа. Приказната го следи Јакоб Фабијан, докторанд по германски студии, циник, кој дење работи како копирајтер за една фабрика за цигари, а навечер заедно со неговиот пријател Сефан Лабуд (хедонист и поддржувач на комунизмот) ги посетуваат прочуените берлински локали.
Фабијан се вљубува во Корнелија, амбицизона и талентирана актерка. Таа станува зрак надеж во неговиот живот кој се распаѓа. Но, како што Корнелија почнува да напредува во нејзината актерска кариера, така изгледите за подобра иднина на Фабијан почнуваат да се губат.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
17 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)
ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО
(More Than Ever/ Plus que jamais)
Игран филм, Франција, Германија, Луксембург, Норвешка
2022, 92 мин., колор, ДЦП
Режија: Емили Атеф (Emily Atef)
Сценарио: Eмили Атеф (Emily Atef), Ларс Хубрих (Lars Hubrich)
Улоги: Вики Крипс (Vicky Krieps), Гаспар Улијел (Gaspard Ulliel)
На 33-годишната архитектка Хелен (ја игра маестралната Вики Крипс) од Бордо ѝ е дијагностицирана пулмонална фиброза, фатална болест на белите дробови. Прогнозите се лоши. На Хелен не ѝ останува уште многу време. И покрај поддршката што ја има од нејзиниот Матие, таа бара начин да се почувствува повторно жива, за последен пат.
ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО е филм на француско-германска режисерка со иранско потекло, Емили Атеф, кој премиерно беше прикажан во Кан 2022. Со овој филм, таа се навраќа на темата од нејзините претходни филмови – 3 дена во Киберон (3 Tage in Quiberon), Убиј ме (Töte mich) и Странецот во мене (Das Fremde in mir) за жени во егзистенцијални ситуации. Тоа е интензивна и трогателна драма за љубовта, збогувањето и напуштањето. Емили Атеф трогателно покажува како еден пар може повторно да се измисли и да ги преживее најголемите искушенија.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
18 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
РАЈНСКО ЗЛАТО
(RHEINGOLD)
Игран филм, Германија
2022, 139 мин., колор, ДЦП
Режија: Фатих Акин (Fatih Akin)
Сценарио: Фатих Акин (Fatih Akin), Гивар Хаџаби (Giwar Hajabi),
Улоги: Емилио Сакраја (Emilio Sakraya), Мона Пирзади (Mona Pirzad), Хусенин Елиракви (Hussein Eliraqui)
RHEINGOLD (2022) е последниот филм на Фатих Акин, еден од најплодните и најуспешни режисери од современата германска кинематографија. Со овој филм тој ја продолжува неговата вивисекција на животот на емигрантите во Германија.
Филмот ја раскажува вистинската приказна на Гивар Хаџаби (Giwar Hajabi), со уметничко име Ксатар (Xataр), германски хип-хоп артист, издавач, продуцент и претприемач (го игра Емилио Сакраја/Emilio Sakraya). Гивар се навраќа на неговиот подем, од социјалните станови, до врвот на музичките топ-листи.
Откако пристигнува во Германија од Ирак во средината на 1980-тите, тој се наоѓа на дното. Целото негово семејство е затворено во Ирак и тој е сам во Германија, нему непозната земја. Тука има многу начини и можности да се дојде до пари и слава, но и уште повеќе пречки. Тој, сепак, од ситен криминалец станува голем дилер. Но, запаѓа во проблеми кога му исчезнува пратка со течен кокаин. За да го плати долгот за загубената пратка, Гивар планира грабеж на злато заедно со неколку соработници. Тоа на крајот ќе го одведе во пеколот на ирачкиот затвор. Но, Гивар е инвентивен и едно е сигурно, сака подобар живот и е подготвен напорно да работи за да стигне до него.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
19 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
АЛИСА ВО ГРАДОВИТЕ
(Alice in den Städten/ Alice in the cities)
Игран филм, Германија
1974, 110 мин., црно бел, ДЦП
Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)
Сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders) , Вејт фон Фирстенберг (Veith von Fürstenberg),
Улоги : Рудигер Воглер (Rüdiger Vogler), Јела Ротландер (Yella Rottländer)
Германскиот новинар Филип Винтер има писателска блокада кога се обидува да напише статија за Соединетите Американски Држави. Тој решава да се врати во Германија и, додека се обидува да резервира лет, наидува на една Германка и на нејзината деветгодишна ќерка Алис кои го прават истото. Тројцата стануваат пријатели и, додека мајката бара од Винтер привремено да внимава на Алис, станува очигледно дека Алис ќе биде негова одговорност подолго отколку што очекувал. По враќањето во Европа, невиното пријателство меѓу Винтер и Алиса расте додека патуваат заедно низ разни европски градови во потрага по бабата на Алиса.
АЛИСА ВО ГРАДОВИТЕ е емотивна одисеја која нема да ве остави рамнодушни. Toa е првиот од road филмовите што ќе ја дефинираат кариерата на Вим Вендерс.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
20 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?
(Ko to tamo peva? / Who is Singing There?)
Игран филм, Србија
1980, 86 мин., колор, ДЦП
Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)
Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)
Улоги: Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Бора Тодоровиќ, Драган Николиќ (Pavle Vuisić, Aleksandar Berček, Danilo Bata Stojković, Bora Todorović, Dragan Nikolić)
Во едно село во Србија група патници се качуваат во стариот автобус на фирмата „Крстиќ“ кој вози кон Белград. Таткото Крстиќ (Вуисиќ) е кондуктер, а синот Мишко (Берчек) е возач. Составот на патници е повеќе од шаренолик: пејач на шлагери без слух кој оди на аудиција (Николиќ), господинот Брко, прототип на поклоник на нацистичка Германија (Стојковиќ), воен ветеран од Солунскиот фронт (Миливоје Миќа Томиќ), туберколозен патник (Боро Стјепановиќ), штотуку венчан пар кој оди на меден месец (Неда Арнериќ и Славко Штимац), ловец-аматер (Ташко Начиќ), двајца Роми музичари (Миодраг и Ненад Костиќ)…
По пат наидуваат на безброј пречки кои предизвикуваат урнебесни случки кои го одолговлекуваат патувањето, реализирани низ легендарни дијалошки сцени и во манир на расна комедија на ситуации. Иако патниците постојано се расправаат меѓу себе, ќе се обединат кога ромските музичари ќе треба лажно да бидат обвинети за кражба. Сето тоа низ креациите на веројатно најдобрата актерска постава некогаш собрана во екс-југословенската кинематографија, која може да се споредува со онаа во вториот игран филм на тандемот Шијан-Ковачевиќ, МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ.
Српска комедија која има култен статус меѓу филмофилите од поранешна Југославија и е прогласен за најдобар филм на 20-тиот век во некогашната заедничка кинематографија. Филмот освои дузина награди на фестивалите низ поранешна Југославија и низ светот (награда на публиката во Кан, Гран при во Монтреал, Панама, Саламанка и Ротердам). КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? е веројатно филм кој изнедрил најмногу култни реплики кои се цитираат и ден денес. Статусот на „филм на векот“ го заслужи и заради оригиналната музика на Воислав „Воки“ Костиќ (Vojislav „Voki” Kostić) и плакатот на загрепскиот дизајнер Мирко Илиќ (Mirko Ilić), кој подоцна стекна и глобална слава како илустратор за водечките светски весници и магазини.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
21 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч
ПАРИЗ, ТЕКСАС
(Paris, Texas)
Игран филм, Германија, Франција / САД / Велика Британија
1984, 147 мин., колор, ДЦП
Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)
Сценарио: Л. М. Кит Карсон (L. M. Kit Carson), Сем Шепард (Sam Shepard)
Улоги: Хери Дин Стентон (Harry Dean Stanton), Настасја Кински (Nastassja Kinski), Дин Стоквел (Dean Stockwell), Аурор Клемен (Aurore Clément), Хантер Карсон (Hunter Carson)
Тревис (игран од Хари Дин Стентон) скита низ величествените пустински пејзажи на американскиот југозапад. Тој не се сеќава кој е и не знае за своето минато. Него го наоѓа брат му Волт кој му помага да си го врати сеќавањето на животот што го имал пред да исчезне четири години претходно. Тревис има син (кој последните четири години живее со Волт), а сопругата на Тревис (која ја глуми Настасја Кински) е исчезната. Откако повторно се поврзува со син му, Тревис се обидува да го спои своето семејство и патува во Хјустон во потрага по својата отуѓена сопруга.
ПАРИЗ, ТЕКСАС е трогателна студија на карактери напишана од реномираниот американски драматург Сем Шепард. Ова е најпознатиот road филм на Вендерс. Тоа е едноставна и спора приказна –медитативно аудио визуелно патување низ американските дистописки пејзажи, преку кое Вендерс и Шепард успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и американскиот сон.
Неверојатната глума на главниот актерски пар Хари Дин Стентон, (чие лице е само пејзаж) и Настасја Кински, фотографијата на Роби Милер и музиката на Реј Кудер го ставаат филмот меѓу најдобрите филмови на Вендерс и задолжителна филмска лектира за сите филмски сладокусци.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
22 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК)
23 СЕПТЕМВРИ (САБОТА)
ФЕСТИВАЛ НА ЕТНОГРАФСКИ ФИЛМ
25 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч
ПОСЛЕДНИ ПЕСНИ ЗА БАВЕН ТАНЦ
(Last Chants for a Slow Dance)
Игран филм, САД
1977, 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Џон Џост (Jon Jost)
Сценарио: Џон Џост (Jon Jost),
Улоги: Том Блер (Tom Blair), Стивен Ворхис (Steve Voorheis), Џесика Сент Џон (Jessica St. John), Вејн Крауз (Wayne Crouse), Мери Волмер (Mary Walmer), Џон А. Џексон (John A. Jackson)
„Последни песни за бавен танц“ е терминален „патувачки филм“, кој целосно го следи патот на својот централен карактер, Том Бејтс, кој низ неодреден временски период разговара со автостопер и потоа го исфрлува надвор од својот камион, ја посетува својата сопруга и има жестока расправа со неа, разговара со човек во кафе бар, собира девојка од бар и има едновечерна авантура со неа, ја остава девојката, и на крај, крстарејќи со својот камион на според пат, застанува да помогне на човек со расипан автомобил и за неколку долари пука и го убива човекот.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 150 денари
26 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч
ЅВОНО ОД ДИЈАМАНТ
(Bell Diamond)
Игран филм, САД
1986, 96 мин., колор, ДЦП
Режија: Џон Џост (Jon Jost)
Сценарио: Џон Џост (Jon Jost),
Улоги : Маршал Гадис (Marshall Gaddis) , Сара Вис (Sarah Wyss) , Терилин Вилијамс (Terrilyn Williams), Скот Андерсон (Scott Andersen), Пет О’Конор (Pat O’Connor), Кристи Жан Хагер (Kristi Jean Hager) , Хал Валдрап (Hal Waldrup), Дан Корнел (Dan Cornell), Алан Годард (Alan Godard), Ен Колесар (Anne Kolesar ) и Рон Ханекан (Ron Hanekan)
Bell Diamond e приказна за невработен ветеран од Виетнамската војна кој живее во Бјут, Монтана, чија сопруга го напушта по седум години кога чувствува дека повеќе нема комуникација меѓу нив и – уште поболно и поопрецизно – затоа што не може да има дете поради неговата стерилност од изложеност на„Agent Orange“. Раскажан во нежен стил, богато емотивен, Bell Diamond е филм направен со непрофесионалци извлечени од заедницата на Бјут, Монтана.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 150 денари
27 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч
СИГУРЕН УСПЕХ
(Sure Fire )
Игран филм, САД
1990, 83 мин., колор, ДЦП
Режија: Џон Џост (Jon Jost)
Сценарио: Џон Џост (Jon Jost),
Улоги: Том Блер (Tom Blair), Кристи Хагер (Kristi Hager), Роберт Ернст (Robert Ernst), Кетлин Дезина (Kathleen Dezina) , Филип Р. Браун (Phillip R. Brown), Денис Браун (Dennis Brown), Ричард Л. Блеквел (Richard L. Blackwell), Роберт Налвокер (Robert Nalwalker) , Хели Вествуд (Haley Westwood), Каје Еванс (Kaye Evans) …
Сместен во квази-библискиот сјај на мормонскиот Дикси во централна Јута, „Сигурен успех“ ја следи траекторијата на американскиот архетип, претприемач од мал град заробен од визии за среќа. Вес, желен да им ја продаде локалната грандиозност на богатите орди на Јужна Калифорнија, прави матни зделки со недвижнини, но посуштински тој директно се усовршува во шемите за брзо збогатување по кои Америка е позната. Внесувајќи го семејството и пријателите во својата мономанија, ревноста на Вес неизбежно води до трагедија.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 150 денари
28 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч
СИТЕ ДЕЛА НА ВЕРМЕРИ ВО ЊУЈОРК
(All the Vermeers in New York )
Игран филм, САД
1990, 87 мин., колор, ДЦП
Режија: Џон Џост (Jon Jost)
Сценарио: Џон Џост (Jon Jost),
Улоги: Стивен Лак (Stephen Lack), Емануел Шоле (Emmanuelle Chaulet), Катерин Бин (Katherine Bean), Грејс Филипс (Grace Phillips), Лорел Ли Кифер (Laurel Lee Kiefer) , Грејси Меншион (Gracie Mansion) и Роџер Руфин (Roger Ruffin)
„Сите дела на Вермери во Њујорк“ е парабола за погрешните чекори во животот донесени во зовриениот Њујорк од доцните 1980-ти , во кој пазарот на уметност и берзата на акции процветаа и во тој процес создадоа широко богатство на „јапи“ заблуди кои сè уште опстојуваат.
Ана, француска актерка која студира во Њујорк, ги вкрстува патиштата со успешен берзантски брокер Марк, кој стои пред портретот на Вермер во Метрополитен музејот. Оттука започнува чудна романса на пропуштени значења и врски, со тангенцијални отклонувања кон врелиот свет на уметноста и берзата, цимерски конфликти од мансардата и можеби љубов. Завиткани во нивните заслепени светови, Ана и Марк се оддалечуваат од своите шанси, оставајќи го на крајот тажно меланхоличното лице на Вермеровиот портрет кој загадочно поставува прашања. „Сите дела на Вермер во Њујорк“ е комедија на манири која, толку нежно како Вермер загледува под кожата на тоа време и место, и на тие ликови.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 150 денари
29 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч
КРЕВЕТОТ ВО КОЈ СПИЕШ
(The Bed You Sleep In)
Игран филм, САД
1993, 117 мин., колор, ДЦП
Режија: Џон Џост (Jon Jost)
Сценарио: Џон Џост (Jon Jost),
Улоги: Том Блер (Tom Blair) , Елен МакЛофлин (Ellen McLaughlin), Кејт Санела (Kate Sannella) , Маршал Гадис (Marshall Gaddis), Томас Морис (Thomas Morris), Бред Шелтон (Brad Shelton)
Сместен во мало гратче за дрвна индустрија во Орегон, „Креветот во кој спиеш“ е студија за едно семејство кое се соочува со криза – обвинение за длабоко и интензивно влијание врз еден од неговите членови. Попатно (паралелно) е направен портрет на градот, кој дискретно ги открива неговите квалитети, во добро и во лошо. Иако тоа го прави на многу индиректен начин, градот и семејството се сурогати за поголемата заедница на Америка и нејзиното семејство на граѓани. Движејќи се бавно и скришум, „Креветот во кој спиеш“ ги поставува своите парчиња, поканувајќи го гледачот да размисли сам. Кога ќе пристигне обвинението, се случува трагедија која го фрла семејството во бездна.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 150 денари
LINKS
Министерство за култура
ФИАФ
АЦЕ
ИМДБ
ЕФГ
Europa Cinemas
Агенција за филм на Република Македонија
Македонски филмски информативен центер
ORGANISATION
Директор
Вработени
Органограм
Ценовник
Завршна сметка
Јавни огласи
Годишна програма
КОДЕКС ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ
Јавни набавки
LEGISLATION
Национална стратегија
Правилник за депонирање аудиовизуелни добра
Закон за аудиовизуелни добра
Закон за филмска дејност
Закон за култура
Закон за заштита на културно наследство
Информации од јавен карактер
ABOUT US
Cinematheque of North Macedonia is a national film archive established in 1974 and its purpose is collection, keeping, preservation, processing, research and presentation of films and film materials of a special artistic, cultural, scientific, historical and other significance, especially for national film heritage.
Cinematheque of North Macedonia is a member of FIAF, ACE and Europa Cinemas.
© 2018 Cinematheque of Macedonia. All rights reserved.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.