Продукцијата Сестри и Брат Митевски информираше дека на Сараевскиот филмски фестивал, кој се смета за најреномиран во регионот, оваа година ќе бидат застапени речиси во сите програми.

Најзначајно, во официјалната натпреварувачка конкуренција за кратки и анимирани филмови својата регионална премиера ќе ја има анимацијата ЕДНА на Вук Митевски, која што веќе беше наградена на фестивалот во Краков со номинација за наградите на Европската Филмска Академија.

Главната актерка од “Господ постои, името и е Петрунија”, Зорица Нушева ќе биде преставена на фестивалот во програмата за меѓународен кастинг, а актерите Стефан Вујисич и Илија Волчески се селектирани и ќе бидат дел од Сараево Талент Кампус.

Понатаму, повеќекратно наградуваниот “Господ постои, името и е Петрунија” ќе се прикажува вон натпреварувачката програма “Во Фокус”, а во истиот програм ќе се прикажува и “Полусестра” најновиот филм на словенецот Дамјан Козоле во кој Сестри и Брат Митевски учествуваат како малцинска копродукција. 

Исто така, новиот филм во развој на Теона С. Митевска “Најсреќниот човек во светот” беше селектиран на Синелинк програмата каде ќе се бараат нови партнери заинтересирани за копродукции. 

 Дополнително, од продукцијата Сестри и брат Митевски, информираат и дека Теона С. Митевска на Сараевскиот филмски фестивал оваа година е поканета да биде и член на главното меѓународно жири предводено од шведскиот влијателен режисер Рубен Ослунд, соопштија од продукцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.