Филмски проекции, концерти и театар ќе има овој месец на зелените покриви во главниот град. Ќе ги организира Град Скопје кој најавува богата културна програма во викендите со почитување на здравствените протоколи за настани на отворено.

На зелениот покрив на Домот на градежниците, Младинскиот културен центар вечер ќе организира музичка програма и кино на отворено – во 19 часот со диџејски сет ќе настапи Фиц од „Студени нозе“, а во 21 часот ќе биде прикажан филмот „Ефектот на среќата“ на режисерот Борјан Зафировски. Влезот е слободен, со претходно подигнат бесплатен билет преку bileti.mkc.mk.

Град Скопје најави содржини и за наредниот викенд – на зелениот покрив на ГТЦ ќе се одржи „Театарски викенд на отворено“ во организација на Театар Комедија и ГТЦ.

Театарскиот викенд ќе почне на 11 јуни (петок) со претставата „Вечера за глупаци“, наредниот ден (12 јуни) ќе биде изведена „На отворено“, а на 13 јуни – „Чао пријатно!“. Претставите ќе се играат на отворени сцени кај петтата фасада на ГТЦ и на Зелениот покрив на ГТЦ, со почеток во 21 часот. Билетите се веќе во продажба на билетарницата на Театар Комедија, секој ден од 10 до 18 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.