Доминик Велински, дистрибутерка-продуцентка од Франција и годинашен член на жирито во главна компетиција на ИФФК „Браќа Манаки“ и македонската режисерка Елеонора Венинова денеска споделија искуства од реализацијата на проектот ЈИЕ ФАБРИКА, кој вчера беше прикажан во рамките на програмата Европски перспективи.

Станува збор за еден филмски омнибус наречен ЈИЕ ФАБРИКА, кој на сараевскиот филмски фестивал беше прикажан под насловот „Сараево, љубов моја“ и продолживме да го користиме тој наслов. Тоа се 5 филма од 10 режисери, секој филм е направен во тандем на режисер од Југоисточна Европа и режисери од други држави од Европа, објасни Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Европски перспективи“.

Доминик Велински за концептот рече дека „идејата ја добила пред 8 години, бидејќи како продуцент подолго време имала чувство дека повеќето луѓе не гледаат филмови од овие земји“.

Можноста се појави на фестивалот во Кан, кога се побара поголема промоција на Ирска. Ја искористив таа можност како идеја, им посочив дека ако сакаат да ја претстават земјата која има талент, која е гостопримлива итн. треба да правиме филмови заедно. Во Кан проектот беше одобрен и стана идеја за откривање нови гласови, нови режисерски идеи и првата година проектот беше претставен во Тајпеј, па потоа следуваа Финска, Данска, Чиле, Тунис, Либан и еве сега во Југоисточна Европа. Идејата беше секоја година да се менува земјата, да се оди во друга земја и да ја направи истата видлива во Кан, бидејќи овде не станува збор само за режисерите, туку и за земјата, раскажа Велински.

ЈИЕ ФАБРИКА ги поврза филмските центри од регионот: Македонија, Босна, Србија, Црна Гора и Словенија, а во Хрватска во тоа време се менувал раководителот на филмскиот центар и не биле во можност да учествуваат.

Работевме во двојка, налик на брачна заедница и имавме добра комуникација со мојата режисерка, бидејќи на самиот почеток се договоривме дека за секој конфликт ќе зборуваме отворено за тоа. Имаме многу слично чувство за работите, на сетот се одеше мазно, се консултиравме за секоја одлука, рече Венинова, која додаде дека со познатата актерка Сека Сабљиќ имале одлична соработка.

Селекторката на програмата „Мак поинт“, Ана Василевска ги соопшти добитниците на наградите од публиката за најдобар филм што го гледала на „Браќа Манаки“ во оваа категорија.

Најголем број гласови од публиката доби филмот „Скопје 2020“ на Радован Петровиќ, второто место го освои филмот „Другарот“ на Димитар Оровчанец, а третото место го делат филмовите „Писмото ми го донесе шампионот“, документарен филм на авторите Александар Манасиев и Мирко Трајановски и „Јас не сум Игор“ на Сергеј Георгиев. Филмот Скопје 2020“ освен што е добро сработен со автентичен авторски печат, е и многу важен во моментов бидејќи во него има ангажираност и гласно зборува за загадувањето-проблемот со кој се соочува не само нашата држава, туку и светот. Треба да се подигне свеста и индивидуално и колективно, зборува за тоа колку сите ние забораваме на елементарните човечки потреби. Морам да потенцирам дека на оваа тема говори и филмот „Пепел“ на Ѓорѓи Лазов, но на сосема поинаков начин и со друга естетика, истакна Василевска.

Според Александар Манасиев „годинава има многу поквалитетна програма во „Мак поинт“ програмата, но тоа е поттик за професионалците да целат малку повисоко“, а за филмот „Другарот“, говореше Самир Љума кој е продуцент на овој филм, и изрази задоволство што филмот е дел од Мак поинт програмата бидејќи „ова е дебитанстки филм на Оровчанец, Петар Арсовски има улога за паметење, а Владимир Самоиловски зад камерата завршил одлична работа“. Мирко Трајановски, режисер и сценарист на филмот „Писмото ми го донесе шампионот“ рече дека првичната идеја била да се раскаже приказната за поштарот од Велес кој е државен рекордер на Македонија во трчање ултрамаратон, но и изумирањето на испраќање писма по пошта како комуникација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.