Во Ликовниот салон во Велес во 18 часот ќе биде промовиран филмот „Македонска чалгиска традиција“.

Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до нашата земја во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи) основани во Скопје, Охрид, Велес, Кавадарци, Битола, но исто така и турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, што носи на површина важен сегмент од македонските музички традиции за идните генерации.

Филмот го следи развојот на чалгијата во нашата држава, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин и други.

Според музиколозите одлика на македонската чалгија е космополитскиот дух. Чалгиите во нашата земја, секогаш биле етнички мешан состав – Македонци, Роми, Турци заедно свиреле на сите веселби и разни случувања, не само на македонски, туку и на ромски, албански, турски, еврејски, влашки, грчки…

Притоа инструментариумот бил ист, но не ги мешале стиловите, па репертоарот го приспособувале според тоа каде свиреле.

Познати чалгаџии имал Велес. Велешанецот Ордан меѓу двете светски војни учел канун во Дамаск, зашто таму била посилна традицијата на свирење на овој инструмент отколку во Турција. Познати велешки чалгаџии биле Јован Тончов и син му, Ало Тончов.

Останало забележано дека чалгаџијата Јован Тончов свирел на роденденот на султанот Абдул Хамид Втори во Истанбул и таму наместо три-четири дена со свирачите останал еден месец.

Инаку филмот премиерно беше прикажан во ноември лани на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.