Филмот „Брод со Бисери“ е избран меѓу 732 конкуренти во официјалната програма на филмскиот фестивал „Балкан Панорама“ (Balkan Panorama Film Festival-BPFF), кој ќе се одржи од 27 септември до 3 октомври, во Измир, Турција, под покровителство на општина Буча.

Филмот „Брод со Бисери“  како селектиран во конкуренцијата од интернационални долгометражни филмови, ќе ја има можноста да ја претстави и промовира нашата земја и да ги зајакне и вмрежи филмските капацитети  во земјите од Балканот и Европа особено во насока на размената на искуства и продукцијата на иновативни документарни филмови.

Долгометражниот филм во траење од  73  минути е во режија на Александар Зиков, според сценарио на Регина Икономовска, која воедно е и главна личност во филмот, како и имлементатор на поширокиот проект, во чии рамки е и овој нов филмски модел наменет за национална промоција.

„Брод со бисери“ е авантуристичка доку-драма,  во која на уникатен начин е претставена личната приказна на главната хероина, писателка  која е на прагот на својата животна раскрсница. Таа е ставена пред искушението да заврши едно поглавје од својот живот, собирајќи го во книга, која и самата е колекција од најубавите љубовни приказни на векот. Фокусирана е на симболиката на генијалните ремек-дела настанати заради љубов, токму од рацете и мислите на најголемите  харизми на векот, со кои лесно се соживува. И самата таа, „фатена во истата замка“, зад своето емоционално и авантуристичко патување, остава дело, книга на својата душа. Оваа „приказна во приказната“ е драматуршки интригантна, водена низ субјективната опсервација, женскиот инстинкт, и „флешовите“ од нејзиното минато кое се испреплетуваат со реалноста.

Филмот ја следи внатрешната свест на главната личност која ги кристализира и точи, чуствата, мислите и впечатоците кои отсекогаш биле предмет на предрасуди.

Филмот  се развива од “почетокот на едно инспирирано  патување” на релацијата Скопје – Истанбул и назад низ еден избран дел од Македонија, кој всушност е „скриена дестинација“ која понатаму би можел секој да ја посети. Она што е фасцинантно и изненадувачко е што анализите на приказните опфатени во Истамбул, не случајно се  враќаат и разгрануваат завршувајќи во Македонија.

Централната линија, драматуршки  изградена  врз  духовното ослободување, експресијата преку уметност, енергетското наследство и историјата е фокусирана на фрагменти од животните стории на Мимар Синан, Принцезата Михримах, Мустафа Кемал Ататурк и други фасцинантни ликови кои ја префрлаат приказната, временски во поранешна Румелија и на нашето денешно македонско тло. Во моментот кога се чини дека патувањето е завршено, тоа кулминира и се развива во ново, со личности кои му даваат поинаква димензија. Оваа интересна оска, пресретнува и реални ликови, пријатели и соработници кои се дел живот на главната личност, Регина. Меѓу нив е и патникот кој и станува сопатник, но и малото пријателче „бродчето од хартија“ кое ја следи секаде во „второто полувреме“ на патувањето низ Македонија.

Филмот е финансиски поддржан од Агенција за филм на Р.Македонија, со институционална логистика од страна на Р. Турција и претставува прв филмски модел на соработка кој ги вмрежува приватниот и државниот сектор, отворајќи ги можностите за промоција во Product Placement.

Директор на фотографија е Александар Карпузовски, монтажа Јадранка Ацеска, а продукцијата е на Деа Продакшн, чиј главен продуцент е Африм Фаризи, во ко-продукција со Арка Медиа на Александар Зиков. Во делот од техничката поддршка се Игор Наумов, Горан Керкез и останатите креативци кои се заслужни за изгледот, звукот и стандардот.

Во филмот учествуваат: Василка Димитровска, Николина Василевска, Предраг Икономовски, Зоран Груевски и Хикмет Барутчугил, еден од најголемите мајстори на ебру уметноста во Турција.

Музичката подлога е комбинација од авторска музика за филмскиот soundtrack, дело на Адис Исмаили, со музичка едиција на Фатос Лумани, неколку избрани нумери од дуото „Алма Нова“ кое го сочинуваат инструменталистите Џесика Пирс и Алмер Имамовиќ,  и нумери на групите „Ла Колони Волвокс“ и „Баклава“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.