На денот на одбележувањето на 58 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, вечерва, во 21 часот во Градски парк ќе се одржи концертот „Филхармонија на отворено“. Оваа година концертот е посветен на музиката на еден од најзначајните македонски бендови „Архангел“, во оригинална и автентична оркестрација на Џијан Емин.

Публиката ќе има исклучителна можност да ги чуе безвременските песни на овој култен македонски бенд, со кој пораснаа многу генерации. Оркестрацијата на Емин ги следи авторските компоненти на песните, но оркестрацијата е целосно авторска и оригинална. Џијан Емин е диригент на овој концерт, а со оркестарот ќе настапи и лидерот на „Архангел“ – Ристо Вртев.

Многу сме среќни што и оваа година го реализираме концертот „Филхармонија на отворено“, настан што премина во традиција, особено што оваа година тој му е посветен на „Архангел“ – бендот што остави траен печат во македонската рок-историја. Сите знаеме кои се „Архангел“, кој е Ристо Вртев, тој е вистински волшебник за мене – вели Тина Иванова, директорка на Филхармонијата.

Ристо Вртев вели дека е привилегија за секој рок-музичар да има ваков оркестар зад себе и дека ваквите проекти треба да станат традиција.

Сега, додека ги пеам песните во ваков амбиент, откривам нови работи, ми будат поинакви емоции од времето кога беа напишани. Се надевам дека со овој концерт ќе придонесеме нашиот град да биде уште поубав – вели Вртев.

Оркестрациите на песните се на Џијан Емин и тие ќе понудат поинаква звучна слика на песните од „Архангел“.

И покрај тоа што сум работел со „Архангел“, мојот прв настап со овој бенд како клавијатурист беше во 1998 година, јас себеси пред сѐ се гледам како фан на овој исклучителен македонски бенд. Така што можам да кажам дека, покрај тоа што ќе го водам овој концерт в сабота, јас наедно ќе бидам и дел од публиката – истакна Емин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.