Од 9 септември, Филхармонија на РСМ ќе ги пушти во продажба влезниците за свеченото отворање на Концертната сезона 2019/2020, соопштија од Филхармонија.

Новата сезона почнува на 26 септември во 20 часот со концерт на еден од најдобрите пијанисти денес, врвниот Александар Мелников од Русија и славниот маестро Антони Вит од Полска зад диригентскиот пулт.

Концертот на отворањето е насловен „Моќта на Заратустра“, а ќе бидат изведени двете грандиозни дела: Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Лудвиг ван Бетовен и „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус.

Слоганот на Филхармонија за оваа сезони гласи „Моја бесмртна љубов“.

Како и во изминатите години и годинава Филхармонија нуди промотивна сезонска блок влезница, во чија цена влегуваат сите концерти кои се дел од програмата во периодот септември 2019 – јуни 2020, вклучувајќи и неколку ексклузивни концерти.

Ако влезниците се купуваат индивидуално, цената за сите концерти изнесува 13.000 денари.
Доколку се резервира годишна блок влезница до 15 септември, има промотивен попуст од 30 посто и цената изнесува 9.000 денари.

Цената на билетите во редовна продажба, пак, по 15 септември, ќе изнесува 10.000 денари.

Билетарницата на Филхармонија работи секој ден од 10 до 20 часот, како и во сабота од 10 до 14 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.