Како институција, навистина не можеме да разбереме од каде потребата на некои луѓе да бараат начини да го оцрнат најсветлиот духовно-културен настан во последниов период, реагира Македонската Филхармонија по вчерашните обвинувања дека за време на концертот по повод 1.000 години Бигорски манастир, дел од строфите на песната од Григор Прличев беа скратени.

Оние кои беа дел од свечениот концерт на Филхармонија по повод 1.000-годишнината на Бигорскиот Манастир (среда, 23 септември) и барем малку се задлабочија во програмата, сигурно забележаа дека сите композиции имаа скратено времетраење, со цел да се запазат протоколите за организирање на настанот и истиот да не трае предолго.
Конкретно за единствената вокална интерпретација на концертот на песната „1762 лето”, чија изведба некој ја смета за спорна, познавачите знаат дека има дури 18 строфи, а очигледно беше дека се одбрани стихови кои ќе сведочат за трагичното укинување на Охридската Архиепископија, за да го поткрепат делот од сценариото во кој се говори за најтешкиот период на Црквата. Кој има желба, нека погледне снимка од концертот и сѐ ќе му стане многу појасно. Згора на тоа, досега имало повеќе изведби на оваа песна со истиот избор на строфи, вклучително и во храмот „Света Софија” во Охрид пред две години.
Но, очигледно некој злонамерно бара темна дамка онаму каде што ја нема.
Да сакаа Филхармонија и Бигорски да сoкријат нешто, не мораше воопшто да ја изведуваат оваа песна. Многу логично, но некој очигледно нема логика, реагираат од Филхармонија.

Претходно, актерот Тони Михајловски, кој го проследи концертот во живо, реагираше зошто беа исфрлени токму строфите во кои се споменуваат Грци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.