41. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ кој обично се одржува во септември, оваа година нема да се одржи на традионален начин, но тој соодветно ќе се одбележи.

На последното собрание на Друштвото на филмска работници на Македонија (ДФРМ), Гена Теодосиевска повторно беше избрана за директор на Фестивалот, а мандатот според Статутот на ДФРМ важи за следните две изданија на Фестивалот.

Гена Теодосиевска

На Собранието, едногласно се донесе одлука во врска со овогодинешното издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки” дека истото нема да може да има традиционално издание со гости и со програма како изминатите 40 негови изданија, со оглед на фактот дека големи филмски фестивали од „А” категорија како Кан, Карлови Вари, Локарно и други беа откажани, како и со оглед на објективните состојби и последици предизвикани од пандемијата. Она за што се согласни филмските работници е дека формата на одбележување на овогодинешното издание на фестивалот “Браќа Манаки”, треба да кореспондира со вредноста на фестивалот и заради тоа ќе се вложи креативна енергија и напор истата да се зачува, соопштија од ДФРМ.

Фестивалот „Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – ДФРМ, а основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки, Јанаки и Милтон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.