Од денеска, петок, 25 јануари до 27 јануари, во „Кино култура“ ќе се одржи Фестивалот „Арт Ареа2“ замислен како зона на концентрирана култура. Програмата опфаќа повеќе настани од различни културни домени во текот на трите фестивалски денови, со што ги пресекува нивниот творечкиот простор и нивната публика.

На Фестивалот ќе има саем на книгата, два џез-концерта, две изложби (фотографија и илустрации), две проекции на документарни филмови, три книжевни промоции и музичко-поетски перформанс. Влезот на сите настани е слободен.

Андреј Јованчевски е редактор во „Бегемот“ и продуцент на фестивалот „АртАреа 2“. Во разговор за „Република“ тој го објаснува мотивот за организарање на настан од ваков вид.

Фестивалот „АртАреа2“ содржи книжевни промоции, изложби, филмови, музика. Од кадепотребата на едно место да се спојат сите овие уметности?

Јованчевски: Фестивалот „АртАреа2“ како замисла и остварување, се потпира врз намерата на едно место да се претстави творештвото во повеќе различни културни сегменти – книжевност, филм, музика, фотографија, сценска уметност… Замислен е како „зона на концентрирана култура“. Мотивацијата зад ваквата замисла е да се воспостави врска помеѓу творците во тие одделни „соби“ на културата и да се пресече публиката што активно ги следи. Со тоа сакаме да направиме исчекор кон вмрежувањето на културната сцена и да ја поткренеме свеста за нејзината разнообразност, но и за можностите таа да прави нови и неочекувани преплети. Затоа, иако иницијатор и главен организатор на „АртАреа“  е издавачката куќа „Бегемот“, фестивалот не книжевен, туку е мултимедијален. Oваа година дадовме сè од себе за да организираме програма која ќе претстави дел од најдобрите нови достигнувања во културата на земјава. Програмата опфаќа Саем на книгата, два џез концерти, две изложби (илустрации и дебитантска фотографија), две проекции на документарни филмови и музичко-поетски перформанс.

Има ли публика кај нас за фестивал од ваков вид?

Јованчевски: Искуството вели дека публиката што ги следи културните настани во Македонија е, за жал, прилично поделена, па така – со исклучок на мал број верни следбеници различните новости во културата – имаме заколнати филмофили, книгољупци, театарџии, вљубеници во музиката, фотографијата итн., кои задржуваат тесен интерес за специфични видови уметност, но тешко го премостуваат јазот кон соседните области. Кога велиме дека има малубројна публика во културата, често ја превидуваме оваа поделеност. Со концептот на „АртАреа“ целиме токму кон надминување на ваквата поделеност и окрупнување на публиката во секоја творечка (културна, уметничка) област. Оние што ќе дојдат по книга, ќе имаат прилика да видат и изложба на фотографии и илустрации. Оние што ќе дојдат на филмска проекција, ќе затекнат и поетско-музички перформанс. Оние што ќе дојдат на книжевен разговор, ќе можат да уживаат во џез концерт. Нашиот придонес во тој заеднички потфат е внимателно скорената програма и отворањето на вратите за сите заинтересирани. Тоа значи дека влезот за сите настани во киното „Култура“ од 25 до 27 јануари, од петок до недела, е слободен односно бесплатен за сите.

„АртАреа2“ се организира вторпат. Какви се вашите впечатоци од првото издание?

Јованчевски: Првото издание на фестивалот помина многу успешно. Го смисливме и остваривме водени целсносно и исклучиво од нашиот ентузијазам за општото обединување околу убавините на уметноста, а резултатот ги поништи нашите стравови и ги натфрли нашите очекувања: покажа дека има простор и желба за поврзување и уживање во различните плодови на културата. Лани, исто така, организиравме низа проекции, изложби, книжевни разговори, концерти и сценски изведби, и во целата програма учествуваа и уживаа стотици луѓе. Оваа година ги задржавме истите контури, а квалитетот на програмата и организацијата го кренваме значително повисоко, па очекуваме уште посилно вмрежување и обогатување на публиката на квалитетната култура.

Фестивалот е во организација на издавачката куќа „Бегемот“. Дали ќе учестуваат и други издавачки куќи и чии изданија ќе бидат промовирани за време на одржување на фестивалот?

Јованчевски: Книжевниот саем, кој од денеска, петок до недела ќе биде отворен од шест часот попладне до полноќ, е централниот дел на фестивалот ArtArea 2. На саемот, своите изданија ќе ги претстават дванаесет издавачи: „Бегемот“, „Или-или“, „Темплум“, „Готен“, „Слово“, „Табахон“, „ПНВ публикации“, „Гаврош“, „PrivatePrint“, „Сказнувалка“, „Антолог“ и „Артконект“. Книжевноста на фестивалот, покрај ова, ќе биде застапена и со промоции на три нови изданија од македонски изданија: „(Бес)конечни модели на расказот“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска, „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески и „Урбани легенди“ од Васко Марковски. Книжевните разговори посветени на овие изданија ќе се одвиваат секој фестивалски ден од 20:30 часот.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.