Европскиот фонд „Еуримаж“ на својата редовна сесија финансиски поддржа 29 меѓународни филмски проекти. На листата поддржани проекти е и копродукцискиот проект меѓу Албанија и Македонија, „Мојата мајка е космонаут“, во режија на Анди Делиана, заеднички проект со македонскиот продуцент „Дрим фектори“ од Скопје.

Исклучително е значајно што ова е трет филмски проект што оваа година добива финансиска поддршка од „Еуримаж“, а во кој свое учество имаат и продуцентите од нашата држава. Претходно поддршка доби проектот „Преекспонирано“, во режија на Елеонора Венинова, а колку што сум информирана, снимањето на филмот веќе е завршено и се наоѓа во фаза на постпродукција. Во оваа пригода да се потсетиме дека и проектот „Зад стоговите сено“ ја доби довербата на овој европски фонд – вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонска национална претставничка во „Еуримаж“.

Од овој месец се отвораат поголеми можности за учество на македонските филмски продуценти во меѓународните копродукции. Македонските филмски работници ќе учествуваат со најмалку пет проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукции и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше досегашна практика да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти.

Оваа најзначајна измена придонесува нашите продуценти со многу помалку средства да станат легитимни копродуценти во меѓународните филмски проекти. Се разбира, тука влијание ќе има и квалитетот, кој повеќето од нашите филмски професионалци го имаат. Ова е исклучително важно за земјава поради можностите што се отвораат за поголема, побројна и подинамична копродукциска соработка. Од друга страна, тоа не го оптоварува дополнително буџетот на државата, напротив. Тоа значи дека вкупниот буџет за филмската дејност треба да се зголемува за да се овозможи поширок обем на меѓународна соработка – додава Пепељугоска.

Од своето основање во 1988 година, „Еуримаж“ поддржал 2.136 меѓународни копродукциски проекти, во вкупен износ од околу 619 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.