Европските денови на културното наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Низ повеќе од 50000 настани што се организираат на годишно ниво во пеесетте земји – потписнички на Европската културна конвенција и повеќе од 30 милиони посетители, ЕДКН како заедничка акција на Советот на Европа и Европската комисија претставуваат единствен пример на иницијатива што потекнува од теренот и се организира со учество на милиони граѓани на Европа. Заедничката тема на одбележувањето во 2019 година, која беше прифатена од повеќето европски земји, е „Уметност и забава“.

Нашата земја од оваа година се приклучува кон реализацијата на проектот „Европски креатори на културно наследство“. Проектот се реализира од 11 март до 14 мај 2019 година. Она што започна како „Креатори на културно наследство“ во Финска во 2013 година и беше прифатено како прекугранична активност од 2014 година наваму, беше препознаено од страна на Собранието на ЕДКН како иновативна и одржлива можност за активно ангажирање на најмладите. Децата и младите луѓе имаат клучна улога во иднината на заштитата и промовирањето на културното наследство и го претставуваат најзначајниот ресурс за креативни идеи и воопшто, за придонесот кон културата. Музејот на Република Северна Македонија ги повикува сите деца и млади луѓе од 12 до 18 години да го разгледаат и истражат наследството во својата околина и да ја раскажат својата приказна.

Покрај тоа, Европските денови на културното наследство го објавуваат и повикот за „Европска приказна за културното наследство“, наменет за возрасните граѓани на Европа. Повикот е отворен од 18 март 2019 година, а аплицирањето за учество со испраќање на приказна ќе трае до 18 април 2018 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.