Големо внимание кај публиката предизвика средбата со писателот, актер и сценарист Ерџан Кесал и турскиот писател Тарик Туфан, што се одржа вчера во рамките на фестивалот „Про-За Балкан“. Средбата беше реализирана во соработка со Турскиот културен институт „Јунус Емре“ од Скопје. Модератори беа директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски и уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

Трајкоски изрази големо задоволство што годинава успеаја двајцата големи автори да дојдат на фестивалот и да се сретнат со публиката. Тој нагласи дека и двајцата гости се поврзани и со литературата и со филмот и со публиката сподели интересен податок дека кога бил член на жирито на ФИПРЕСЦИ на Фестивал од А-категорија во Варшава пред неколку години, кога наградата за најдобар филм му била доделена на филмот „Јозгат Блуз“ за кој сценариото го напишал токму Тарик Туфан, а главната улога ја играл Кесал.

Ерџан Кесал е автор на осум книги, а почнал да пишува во 2013 година. Вели дека пишувањето сценарио е макотрпен процес во кој се соочувате со себеси. Неговата биографија е повеќе од инспиративна. Тој дипломирал медицина, магистирал психологија, докторирал на културна антропологија. За актер не учел никогаш, не посетувал ниту курс. Се пошегува и рече дека е доволно конфузна личност.

И кинематогафијата и литературата се раѓаат поради нашата конфузност. Најзначајното е во целата таа збунетост да ја пронајдете вистината и да бидете искрен и фер кон публиката. Не е најважно да бидеме познати, богати, гледани, омилени. Би било многу неправедно и срамно ако се занимаваме со уметност поради овие минливи вредности – вели Кесал.

Туфан си го поставува прашањето зошто луѓето не се задоволуваат од случувањата од реалниот живот, туку има потреба да се потпре на некоја уметност?

Филм, литература, нешто што е нереално. Ние всушност интервенираме во животот, кон реалноста и се обидуваме да формираме нова прилика за нашиот живот. Големи уметници се тие што можат да се спасат од канџите на реалноста и создаваат нов реалитет што ќе биде надеж за човештвото. Кога пишувате се соочувате со себеси. Писателот по одредено време се впушта себе си во чуден и нејасен циклус, вели Туфан.

Дејан посочи дека читајќи ги книгите и филмовите на овие автори, наоѓа голема сличност, а тоа е дека двајцата хируршки прецизно и извонредно длабоко ја опишуваат големината и посебноста на малиот човек и проблемите и маките.

Кесал во интервју што го правевме пред неколку години изјави дека човековата душа се уште е неистражена земја, додаде Трајкоски.

Кесал вели дека тој процес на откривање се уште трае.

Напишав автобиографска книга за човек кој планира да се бави со политика. Тоа всушност е моја лична приказна, главниот лик по професија е лекар, кој е добро ситуиран се впушта во водите на политиката. Во тие ситуации јас се срамев од сам себе. Во тој период ја видов моќта на чувството за владеење врз други луѓе и видов што сѐ нехумано може да направи човекот. Затоа одлучив да напишам книга на таа тема.

Туфан вели дека големите уметници секогаш не зачудуваат, дури и кога станува збор за банални теми.

Човечкото битие е длабока темнина која уметниците секогаш подобро ја откриваат од уметнците. Достоевски е чекор пред сите психијатри во насока на разбирање на човекот. Спокојните луѓе не се бават со уметност, лицата со ментална удобност не се бават со уметност.

Писателката Јагода Михајловска-Георгиева го постави прашањето како се постигнува толку тишина во филмот како „Беше еднаш во Анадолија“.

Несоменено дека сценариото е значаен елемент, но самото сценарио не може да биде главен носител на тој процес. Се случило да има добро сценарио, а да нема добар филм. Во 1983 година бев лекар во тоа мало градче каде се сними филмот. Бев лекар на 23 години и лично ја доживеав вечерта што е опишана во филмот и никогаш не ја заборавив. По 25 години, откако го снимивме „Три мајмуни“, на Нури Билге, му предложив да снимиме филм, а тој ме праша зошто еден таков настан (убиство и потрага по тело) да е интересен за филм. Јас му реков дека јас не сум истиот човек после таа вечер – објасни Кесал.

Овој славен актер и автор признава дека цел живот го поминал во набљудување, читање, слушање и дека од мал во неговото семејство важел за некој кого ситте сакаат да го слушаат.

Читањето е задолжителен дел од мојата професија. Мислам дека тоа се елементите што го изградија и мојот пат како актер, јас немам формално образование, ниту пак сум бил на некаков курс. Рано ја открив моќта на зборовите, тоа беше многу значајно – вели  Кесал.

Тој сподел и мислење за тоа што е успешен актер, воопшто.

Успешен актер е тој што може да го глуми она што не е напишано во сценариото. Доколку сте успешни во вашата улога во реален живот, вие сте успешен глумец. Успешен актер не е оној што имитира некоја улога, и актер не е оној што се впушта во улогата што му е дадена, ами кој претходдно дадената улога ја персонализира и ја пренесува – вели тој.

За придонес во промоцијата на турската култура во Македонија, Трајкоски и Прокопиев добија признанија од Турскиот културен центар „Јунус Емре“, што им ги врачи директорот Серхат Кула.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.