Професорката Елка Јачева-Улчар на социјалните мрежи објави текст под наслов:

НЕКОЛКУ РАБОТИ ШТО, МОЖЕБИ, НЕ СТЕ ГИ ЗНАЕЛЕ, А БИ ТРЕБАЛО ДА ГИ ЗНААТ СИТЕ МАКЕДОНЦИ

1. Старословенскиот јазик е првиот писмен литературен јазик за сите Словени на кој солуњаните Кирил и Методиј ги превеле од грчки првите црковни книги.

2. Првото писмо на кој е запишан старословенскиот јазик е глаголицата, што претставува авторско дело на Св. Кирил (световно име Константин).

3. Во основата на старословенскиот јазик се наоѓаат МАКЕДОНСКИТЕ говори од три села во околината на Солун: Сухо, Висока и Зарова. Ова го откриле Словенецот Ватрослав Облак и неговиот учител Хрватот Ватрослав Јагиќ (кон крајот на 19 и почетокот на 20 век) со што ја поставиле основата на МАКЕДОНСКАТА ТЕОРИЈА за основата на старословенскиот јазик, којашто е општо прифатена во целиот славистички научен свет. Од теренските истражувања во околината на Солун, Ватрослав облак ја издава книгата „Македонски студии“ .

4. Називот СТАРОСЛОВЕНСКИ ЈАЗИК, e општо прифатен од целиот словенски и славистички свет, освен од Бугарите кој старословенскиот го нарекуваат старобугарски. Првите два века , во првиот период од својот својот развој бележи два периода. Првиот период од развојот на Старословенскиот јазик (9 – 11 век) во науката се нарекува канонски период (тоа значи дека во овој период Словените многу доследно се држиле до поставените основи на јазикот на Кирил и Методиј), по што, откај 12 в., настапува т.н. црковнословенски период во кој се јавуваат варијантите (редакциите) на црковнословенскиот кај одделните словенски народи: македонска, бугарска, српска, чешка, руска итн. Познатиот француски лингвист Андре Вајан „во книгата „Manuel du vieux slave“, ги употребува термините старомакедонски и старобугарскиза да ја означи разликата во јазикот на најстарата словенска писменост во Македонија и во Бугарија. „Разликите меѓу старомакедонскиот и старобугарскиот се лежерни, но пак осетни; тие се јавуваат особено во речникот, но исто така и во граматиката. Тие се покажуваат во случаите кога имаме исти текст во двете верзии: Евангелието и Евангелистарот на Сава, хомелијата од Епифана дадена во Клоцовиот и во Супрасалскиот зборник.“ (Види: Блаже Конески: Граматика на македонскиот јазик, Детска радост, Скопје, 1999, стр. 13)

5. Старословенскиот јазик бил создаден со цел ширење на христијанството на словенски јазик по иницијатива на моравскиот кнез Ростоислав кој му упатил молба на византискиот цар Михаил III со барање да му испрати мисионери кои ќе го шират христијанството на словенски јазик.

6. Папата Адријан II во Рим ги посветил црковните книги на Кирил и Методиј, со што старословенскиот јазик се вброил меѓу светите јазици на кои дотогаш се ширело христијанството: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот.

7. По смртта на Методија, учениците на Кирил и Методиј биле прогнати од Моравија од германскиот и латинскиот свештенички клер. Еден дел од учениците преку Венеција тргнале и го населеле јадранскиот брег на потегот од Далмација до Истра, каде што глаголицата била во употреба докај 17 век. Во Хрватска глаголицата е аглеста поради аглестиот карактер на глаголските букви. Друг дел од од учениците, меѓу кои биле Климент и Наум преку Белград стасале во Плиска кај бугарскиот кнез Борис во Плиска.

Во Плиска, под влијание на Византијците, наголемо се заговарало ревизија на преводите на црковните книги од страна на Кирил и Методиј, како и замена на глаголицата со кирилица, затоа што наводно глаголицата според нив „не била удобна за пишување“. За да се спроведат овие „нешта“ оваа задача му била понудена на најдаровитиот ученик на Кирил и Методиј – Климент, кој како голем почитувач на делото на своите првоучители – го одбил Бориса. „Најревносниот за Кириловото глаголичко писмо и дело, св. Климент, сигурно му се спротивставил и порано на кнезот Борис, заради што бил отстранет од престолнината. Со оглед на сето тоа, тешко може да се допушти дека меѓу него и кнезот Борис спонтано дошло до некаков доброволен договор и однапред обмислен план за негово „испраќање“ во Македонија. Но Борис, како опитен и далековид дипломат, не го отфрлил Климента, а му дал услови за работа, само во зафрлен, провинциски крај, далеку од престолнината. (Види кај: Петар Хр. Илиевски: Појава и развој на писмото – со посебен осврт кон почетоците на словенската писменост, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2001, стр. 250).

8. На голем народен собор во 893 година, 30 години по почетокот на Моравската мисија во 863 година, во Бугарија е направена промената на глаголските букви со кирилиски.

9. Како „прогонети“ Климент и Наум во Охрид ја продолжуваат дејноста на своите првоучители на ГЛАГОЛИЦА (обла поради облестиот изглед на глаголските букви) која на македонска почва живее до крајот на 11 и почетокот на 12 век.

10. Најстарите глаголски евангелија Маринско, Зографско и Асеманово потекнуваат од Охридскиот книжевен центар, чиј основач е Климент Охридски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.