Еден ден пред почетокот на 40.  јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во Македонија пристигна Едвард Лакман, годинашнит лауреат на Златна камера 300 за животно дело.

Лакман утринава пристигна на скопскиот аеродром. Задоволен е што утревечер ќе му биде врачена наградата на фестивалот што ја слави работата на кинематограферите. Тој е љубопитен да ја запознае земјата во која доаѓа, поставува многу прашања за Македонија, го интересира политиката и животот на луѓето. Исто така е заинтересиран за историјата на фестивалот „Браќа Манаки“ и е среќен, како што рече, што е поканет оваа година кога се слави јубилејот.

Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати, со две номинации за Оскар.

Јубилејното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ свечено ќе биде отворено утревечер, в сабота, на 14 септември во Центарот за култра. Фестивалот за отворен ќе го прогали претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, а дел од свеченоста ќе биде и доделувањето на Златната камера 300 за животно дело на Лакман.

На годинашниот добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов ќе му ја врачи Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.

На свеченото отворање публиката во Центарот за култура во Битола ќе го види и перформансот чиј режисер е Срѓан Јаниќијевиќ, кој вели дека тој е во контекст на годинешното мото на јубилејното издание Фестивалот.

Се работи за своевидно синематично доживување во кое и публиката е вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот”. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност и обратно. Перформансот го работиме со Искра Шукарова и режисерот Јохан Мелин од Шведска“, вели Јаниќијевиќ.

Сценографијата е на Марија Ветероска и Влатко Чачоровски. Костимите на Марија Папуческа. Музиката е ремикс на Илија Цветковски од тема од филмот „Среќна нова 49-та” на Љупчо Константинов. Во перформансот (покрај публиката) учествуваат студенти на ФМУ (катедра за балетска педагогија) и Стефанија Милев.

По свеченоста на отворањето, во Центарот за култура ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“. На премиерата на филмот ќе присуствува и кинематограферот Хозе Луис Алкаине.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.