Фестивалската публика денеска имаше уникатна можност да проследи мастер-клас со водечкиот светски кинематографер Едвард Лакман, лауреатот на годинешното јубилејно,40. издание на „Браќа Манаки“, модериран од неговиот колега и стар пријател на фестивалот, Најџел Волтерс од кинематограферската асоцијација ИМАГО. Предавањето на Лакман не го пропушти ниту Фатих Акин, кој доде да слушне повеќе детали од мајсторот на камерата. Денешната мастер класа беше вистински разговор меѓу големите затоа што присуствуваа и режисерот Џим Шеридан и британскиот кинематографер Џон Метисон, два пати номиниран за „Оскар“ за филмовите „Гладијатор“ и „Фантомот од операта“. Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката, фестивалски гости како Пол Рене Ростад и Рајнер Клаусман.

Благоја Куновски-Доре, селектор на натпреварувачката програма на „Браќа Манаки“, го најави мастер-класот како врвен настан на фестивалската програма, а Волтерс истакна дека нема потреба од посебно претствавување на Лакман и неговите филмски дела. Напомена дека пред 43 години на еден филмски сет, каде што кинематографер бил Свен Никвист, го запознал младиот Лакман како асистент на камера. Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката-фестивалски гости како Џон Метисон, Пол Рене Ростад, Рајнер Клаусман…

Публиката имаше прилика да види репрезентативен видеоклип со сцени од десетина филмови потпишани од Лакман како кинематографер. Тој работел со водечките филмски автори на преминот на двата века, како Тод Хајнс, Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, Урлих Зајдл…
Лакман е роден во Њу Џерси, САД, и како млад посетувал уметничко училиште, а потоа посериозно се заинтересирал за филм.

Започнав да снимам документарци, а дури и ми плаќаа за тоа, Лакман низ шега се присети за неговите почетоци во филмот.

Еден од неговите први документарци бил за дом за лечење на зависници од дрога во САД, а следните три-четири години години работел како оператор, снимател на втората камера на филмските сетови. Снимањето и режирање документарни филмови му останале посебна љубов и страст.

Пристапот на камерата во документарците е поинаков од играните, но има случаи, како во филмовите „Експорт-импорт“ и „Рај: љубов“ на Урлих Зајдл, чиј што кинематографер бев јас, каде што тешко можете да повлечете линија меѓу фикцијата и документарното, посочи Лакман.

Неговиот став за важноста на камерата која преку сликите ја раскажува сторијата на филмот го илустрираше и со камерата на Крис Менџис во филмот „Боксер“ на Џим Шеридан, кој исто така е присутен на фестивалот како претставник на Европската филмска академија.

На прашањето на модераторот Волтерс за неговите почетни искуства со европскиот филм, Лакман посочи дека најпрвин бил заинтригиран од филмовите на италијанскиот неореализам.

Во нив видов како се градат карактерите во филмот. Денес тоа во Холивуд го немате, таму сега се снимаат видео-игри, а не филмови, смета Лакман.

Европскиот дел од неговата кинематограферска кариера започнала со ангажманите во филмовите на Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, продолжила со Урлих Зајдл…

Лакман важи за голем заговорник за снимање на филмска лента. Европските филмови во тој период ги снимал вообичаенона 35 мм лента, но можеби малку неочекувано „Керол“ на Тод Хајнс, филм од 2015 година, го снимале на 16 мм лента, заради посакуваната атмосфера во филмот.

Претпродукцијата е многу битна фаза во реализација на филмот бидејќи тогаш се дефинира стилот на филмот, посебно кога станува збор за филмови со историска тематика, посочи Лакман.

Интересни се и неговите размислувања околу црно-белиот и филмот во боја.

Црно-белата филмска лента функционира со поинакво зрно и експозиција на фотографијата. Денес можете да снимите филм во колор а потоа во студиските лаборатории со дигиталната техноилогија да го направите црно-бел, но нема да го добиете истиот ефект, вели Лакман.

Едвард Лакман, вчера имаше и средба со студентите каде зборуваа за стручните аспекти на кинематограферската работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.