Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Озвучени емоции“ на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Лука Дебарг од Франција.
На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Фредерик Шопен, Симфонијата во три става и оркестарската суита од балетот „Жар птица“ од Игор Стравински. Диригентка е маестра Бар Авни од Израел, лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз.
„Не се појавил пијанист што предизвикал таква вознемиреност уште од пристигнувањето на Глен Гулд во Москва, во средината на Студената војна, или од победата на Ван Клибурн на натпреварот ’Чајковски‘“, ќе напише „Хафингтон пост“ за францускиот пијанист Лука Дебарг (1990), едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15. „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода што ги импресионира и критичарите и публиката“. Лука Дебарг е нова сензација во класичната музика. „Тој е фантастично надарен, оригинален е и не е скротен од академизмот“, ќе напише „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Шпигел“, пак, ќе додаде: „Дебарг ѝ припаѓа на лигата на шампиони меѓу пијано-виртуозите“, а „Ле поинт“ ќе заврши со зборовите: „Моќ, суптилност, контрола, имагинација, вкус: тој има сè“. „Светот на музиката е мојот дом. Музиката е речиси мојот мајчин јазик. Ме храни…“ Со овие зборови почнува документарниот филм за Лука Дебарг, кој во едно интервју признава дека не вежбал онолку колку што треба сè додека не ја запознал неговата професорка, реномираната Рена Шерешевскаја, на 20 години. Таа го поканила да студира (потоа и да магистрира) во нејзината класа на престижната академија „Екол Нормал“ во Париз и по само четири години, како едно од највидните имиња и на „Чајковски“, неговата кариера почнува рапидно да расте. Лука Дебарг, како што самиот вели, црпи инспирација од литературата, сликарството, филмот, од џез-музиката и мошне внимателно го избира репертоарот во кој се наоѓаат и дела на помалку познати композитори. Зад себе има три изданија за „Сони класикал“, а во 2017 година ја доби врвната германска награда „ЕХО класик“.
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на Првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз во 2024 година, награда која ѝ беше доделена од страна на престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“…Ова подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендист на Академијата „Ла Маестра“, а по натпреварот за неа веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно покани да диригира со бројни светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главен диригент на Филхармонијата Бајер, позиција на којашто е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот. Силно е посветена на промоцијата на нови, млади таленти и тесно соработува со тимот во Бајер за развивање возбудливи музички образовни проекти. Од нејзиното диригентско деби во 2016 година, маестра Авни соработувала со различни оркестри, вклучувајќи ја Израелската филхармонија, Камерната филхармонија во Бремен, Израелскиот камерен оркестар, Ансамблот „Резонанц“, „Камерата“ од Хамбург. Нејзината флексибилност и љубопитност при креирање програми, како и нејзината разноликост и способност да негува широк спектар на репертоар се импресивни. Една од главните поддржувачи и советници на маестра Авни е славната Барбара Ханиган, а на почетокот на 2024 година, таа дебитираше со оркестарот „ВДР Функхаус“ и Гетеборшката симфонија како асистентка токму на маестра Ханиган. Следните сезони маестра Авни ќе диригира со Националниот оркестар на Лил, Националниот оркестар на Бордо, Државниот младински оркестар на Хамбург, Радио-симфонискиот оркестар на Штутгарт…, а ќе биде и на позиција асистентка на врвниот Клаус Мекела во Париз и со Франсоа-Завие Рот во Келн. Инаку, маестра Бар Авни студирала перкусии и настапувала како перкусионистка во нејзината земја, но желбата за диригирање ќе ја однесе во Тел Авив, каде што студирала со Јоав Талми, а подоцна станала негов асистент на Израелскиот камерен оркестар. Потоа ги продолжила студиите во Грац и во Хамбург, а во 2021 година станала најмладата добитничка на награда и стипендист на Меѓународниот институт „Курт Мазур“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.