Бразилецот Амаро Фреитас, трубачот Горан Кајфеш со шведската супергрупа „Сабропик Аркестра“ и проектот на Дејмон Локс и Роб Мазурек – „Њу фјучр сити радио“ синоќа ја одбележаа третата вечер на „Скопски џез фестивал“, која беше посветена на бегалците.

Оливер Белопета, програмскиот директор на фестивалот, потенцираше дека акцијата „Џезот за солидарност со бегалците“ веќе стана традиција, а музиката е соодветен медиум за да се пренесуваат пораки.

До ден денес, пред се’ благодарејќи на самите музичари ширум светот што го имаат тој хуманитарен елемент, џезот ја шири солидарноста кон бегалците. Тоа многу добро го знам бидејќи имам привилегија да комуницирам со многу музичари. Акцијата почна некаде пред 4 години, тоа беше период кога кризата беше многу актуелна на овие простори, ги допираше нашите граници и Балканот. Знаете се’ она што се случуваше, имаше земји кои не примаа бегалци. Денеска можеби тоа не е толку присутно во јавноста, проблемот со бегалците и потребата за нашата свест, за солидарност кон нив, бидејќи секојдневно сме преоптоварени со секојдневни проблеми, меѓутоа вистината кажува нешто друго. Прво, кон бегалците треба да гледаме како наши браќа и таков да биде нашиот однос, затоа што ако тој проблем не е така актуелен во јавноста, за жал во светот е уште повеќе актуелен. Податоците покажуваат дека бројот на бегалци е зголемен на над 100 милиони“, потенцираше Белопета.

Акцијата „Џезот за солидарност со бегалците“ годинава е организирана заедно со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и со поддршка на Младински образовен форум, а со свои апели се вклучи и музичарот Горан Кајфеш.

Ова се многу тешки денови, за многу раселени лица. А, во џезот ние природно се поддржуваме кога сме на бината и мислам дека во секојдневниот живот треба да ги поддржуваме луѓето што имаат потреба. Во овие мигови има многу бегалци што имаат потреба од помош. Ова е важен момент за луѓето од светот да се ангажираме“, посочи Горан Кајфеш.

Тој со шведската супергрупа „Сабропик Аркестра“ свиреше на сцена како втор. Претстави едно поинакво, еклектично џез патување во Националната опера и балет, каде музичата агенда ја отвори Амаро Фреитас. Бразилецот, пак, со своите инструменталисти настапи во варијанта на трио и го претстави последниот албум „Sankofa“, што беше окарактеризиран од организаторот како „ремек дело“. Фреитас се поигруваше со пијаното на разни начини, преиспитувајќи ги традиционалните структури на џезот, притоа во одредени делови ја вклучуваше публиката за да внесе нова димензија во музичката приказна.

Полноќниот термин во МКЦ беше резервиран за „Њу фјучр сити радио“, проектот на  тандемот Роб Мазурек и Дејмон Локс кои претходно го отворија фестивалот со „Експлоудинг Стар Оркестра“ и оставија концерт за паметење на аудиториумот. Овој пат, Мазурек и Локс беа придружувани со голем видео бим и бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара, за да понудат футуристичко аудио-визуелно патување, комбинирајќи електроника и џез варијации.

„Скопски џез фестивал“ денеска финишира во Националната опера и балет со гитаристката Мери Халворсон, како дел од њујоршкото трио „Тамбскру“ со басистот Мајкл Форманек и тапанарот Тома Фуџивара.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.