Вкусен спој на различна музика што ја соедини публиката на фестивалот „Охридско лето“ направи синоќа Дуке Бојаџиев кој одржа концерт на Долни Сарај.

Концертот Бојаџиев го посвети на Охридското езеро. Тој ја повика публиката од сцената „Долни Сарај” да запали свеќи како апел до надлежните да се спаси ова единствено место на планетата.

Запалените свеќи гореа додека Бојаџиев премиерно ја изведуваше композицијата „Охрид” со која го отвори концертот.

 

Охридското езеро станува сė позагрозено. Ги повикувам сите структури во државата да направат сė што можат” – рече тој.

На спектакуларниот концерт заедно со Дуке Бојаџиев настапија и неговите долгогодишни соработници и чести гости на концертите, Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас и Костас Анастасиадис на тапани, како и актерката Наташа Петровиќ, вокал и нарација.

Овој извонреден музичар кој настапува на најпрестижните концертни подиуми ширум светот меѓу кои и Карнеги Хол во Њујорк, е секогаш скромен и со позитивна енергија што мошне лесно и’ ја пренесува на публиката. Така беше и синоќа кога неговата музика допре до срцата на луѓето и ги поведе во едно духовно патување под ѕвезденото небо над „Долни Сарај“.

Една по една се редеа нумерите и заедно со добро осмислената нарација создадоа неповторливо доживување за посетителите. На репертоарот беа нови теми работени во текот на последниот период, нови обработни на стара македонска музика од 70-те, и како што вели Бојаџиев, тоа беше концерт поразличен од досегашните.

Настапите во Охрид, за него се секогаш возбудливи затоа што како што објаснува музичарот, во Охрид се чувствува посебна позитивна енергија.

Потекнувам од Скопје, но уште од дете, повеќе се чувствувам како дома во Охрид отколку во Скопје. Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде, и тоа пријателства што ги негувам уште од детството, вели Дуке Бојаџиев.

По диплома доктор на медицински науки, но и по дипломирањето, музиката е неговата најголема и најсилна љубов.

Има многу медицинари, доктори кои се врзани со некаква уметност, музика, сликарство, поезија. Можеби има некоја племенитост во медицината што ја има и во уметноста. Во мојот случај, татко ми, Тодор Бојаџиев, беше композитор и доктор, но доктор по професија, а композитор по хоби. Јас, откако дипломирав, решив да ги свртам поинаку работите. Сфатив дека што било друго да работам освен музиката, би било изгубено време, додава уметникот.

Во моментов, Дуке Бојаџиев работи на повеќе полиња. Насочен е кон телевизиските проекти, а од филмските, работи на музиката на хрватски филм од легендарниот југословенски режисер Вељко Булаиќ којшто се уште работи. На почетокот од следната година, Дуке Бојаџиев најавува и концерт во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.